ИСТРАГАТА СЕ ВОДИ, ЈАВНОСТА ЌЕ ДОЗНАЕ СÈ Мицкоски најави разрешница за „извозот“ на мозочни ткива
Премиерот порача дека институциите интензивно работат и дека јавноста ќе биде информирана дури откако ќе се соберат сите факти.
Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека ќе има целосна разрешница за случајот со наводниот „извоз“ на мозочни ткива од починати лица во Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека институциите веќе работат на истрагата.
– Никој не треба да биде загрижен дали овој случај ќе добие свој крај. Секако дека ќе дојдеме до разрешница. Наводите и индициите се навистина лоши, но да почекаме да заврши истрагата и да го собереме досието целосно, за потоа да можеме соодветно да ја информираме јавноста – порача Мицкоски.
Тој посочи дека станува збор за чувствителни информации и дека Владата нема да излегува со некомплетни податоци во јавноста.
– Како претседател на Владата, кога ќе ја информирам јавноста, тоа треба да биде таксативно и хронолошки наведено – сѐ. Институциите работат и истражуваат. Кога ќе имаме комплетно досие, тогаш ќе излеземе во јавноста, дали ние, дали Обвинителството или некои други институции – истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Владата има обврска да биде транспарентна и дека јавноста ќе биде информирана веднаш штом истрагата биде целосно завршена.