Историските приказни не секогаш победуваат, во Скопје митовите одамна се стушени
Политичката сцена станува прецизна, прагматична и математички ладна. Во таков амбиент, победуваат оние што имаат организација, теренска структура, јасна комуникација и машинерија зад себе. Овојпат, не се бара јунак со прачка, туку кандидат со резултати, ресурси и дисциплинирана логистика.
Во едно минато време, историските приказни сите нас не инспирираа. Давидовиот дух против Голијатовата сенка беше симбол на храброст, надеж и неочекувани победи. Но денес, во градот Скопје и Република Македонија таквите приказни не се дел од реалноста, тие се дел од заборавениот мит.
Политичката сцена станува прецизна, прагматична и математички ладна. Во таков амбиент, победуваат оние што имаат организација, теренска структура, јасна комуникација и машинерија зад себе. Овојпат, не се бара јунак со прачка, туку кандидат со резултати, ресурси и дисциплинирана логистика.
Каја Шукова, иако номинирана од некогаш големата партија за градоначалник на Град Скопје, се чини дека настапува како „Давид без камен“. Јавноста не забележува јасна стратегија, ниту препознатлив наратив што може да се спротивстави на силата која ја демонстрира Орце Ѓорѓиевски актуелен градоначалник на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ за Град Скопје. Разликата во теренска работа, политичка енергија и комуникациска видливост е повеќе од очигледна. Граѓаните на Скопје се сведоци на изборна битка што повеќе од сигурно однапред е решена. Не поради апатија, туку поради реализмот што доминира. Се чини дека Скопје одамна се има разделено од романтичните идеи за политички пресврти без основа.
Овојпат, митовите не оживуваат. Овојпат, Голијат не е изненаден. А приказната, останува без својата магија. Неуспехот на кандидатурата на СДСМ во Скопје не произлегува од личноста на кандидатот, туку од структурна и комуникациска дезориентираност на самата партија. Каја Шукова влегува во трка која не е само локална, туку и симболична, таа носи на грб тежината на години наталожени незадоволства, неисполнети очекувања и изместени приоритети.
Јавноста не ја одбива личноста, ја одбива пораката. А кога нема јасна порака, нема ниту енергија, ниту мобилизација. Шукова не успеа и нема да успее да се позиционира како кандидат што нуди пресврт, туку како продолжение на една политичка линија што граѓаните веќе ја санкционирале преку претседателските и парламентарните избори.
Во време кога скопјани бараат јасна визија и издржани решенија, СДСМ нуди кандидат со низок јавен капитал, без претходен градски ангажман, и со комуникациска стратегија што не допира до базата. Ова не е само личен предизвик, туку симптом на поголем проблем во опозициската култура на СДСМ, каде изборот на кадри често изгледа повеќе технички, отколку инспиративно.
Историјата на изборите во Скопје познава моменти кога на прв поглед послабиот кандидат успеал да победи, најчесто во услови на остар антивладин бран или големо незадоволство од локалната власт. Таков беше случајот во 2017 година, кога Петре Шилегов (СДСМ) како кандидат против тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ, успеа да го порази Коце Трајановски – градоначалник во втор мандат. Победата не произлезе од харизма или визија, туку од јасно изразена јавна желба на граѓаните за промена поради замор и незадоволство од постоечката власт.
Но денес, контекстот е обратен. Орце Ѓорѓиевски доаѓа како фаворит во политичка и психолошка атмосфера која му оди во прилог. Тој ја има поддршката на победничка структура, не се соочува со масовно незадоволство и настапува како логично продолжение на општинско искуство и стабилност.
Поуката е јасна: „Давид“ победува само кога „Голијат“ е на работ на губење на кредибилитетот. Во сегашнава констелација „Голијат“ не само што е стабилен, туку и дополнително вооружен со јавна перцепција на надмоќ. Токму затоа, победата на Орце Ѓорѓиевски не само што е извесна туку таа е огледало на пошироката политичка слика во државата. ВМРО-ДПМНЕ одамна ја консолидира својата позиција како доминантна сила на национално ниво, а победата во првиот круг во градот Скопје само ќе биде уште една потврда на тој изборен тренд.
Во 2025 година, митови нема, останува реалноста, а таа реалност е видлива од далеку.