ИСТОРИСКА ПРЕСУДА • ФЕЈСБУК И ЈУТЈУБ ЌЕ Ѝ ПЛАТАТ 3 МИЛИОНИ ДОЛАРИ НА ДЕВОЈКА Прогласени се виновни за „дизајнирање зависност“
Поротата на Судот во Калифорнија донесе револуционерна одлука што би можела фундаментално да го промени начинот на кој функционираат социјалните мрежи.
Компаниите Мета и Јутјуб се прогласени за одговорни за сите точки од обвинението во случајот во кој овие технолошки гиганти беа обвинети за намерно предизвикување зависност кај млада жена и за оштетување на нејзиното ментално здравје.
„Мета и Јутјуб беа небрежни во дизајнирањето на своите платформи, знаеја дека нивните дизајни се опасни, не предупредија за тие ризици и им предизвикаа значителна штета на тужителите“, заклучи поротата.
Оваа одлука би можела да стане преседан за стотици слични случаи и да доведе до радикални промени во начинот на кој функционираат социјалните мрежи, особено за младите корисници, како и загуби што се мерат во милиони, па дури и во милијарди долари за технолошките компании.
Случајот, исто така, претставува историски момент за социјалните медиуми, по години загриженост од родителите, активистите и од пратениците за штетата на онлајн содржините врз децата – од проблеми со менталното здравје до сексуална експлоатација.
Сега 20-годишната девојка од Калифорнија по име Кејли и нејзината мајка ги тужеа Мета, Јутјуб на Гугл, Снеп и Тикток, обвинувајќи ги дека намерно ја „навлекле“ кога била дете, предизвикувајќи кај неа анксиозност, телесна дисморфија и самоубиствени мисли. Компаниите Снеп и Тикток се спогодија пред почетокот на судењето.
Поротата ја носеше одлуката повеќе од 8 дена, по 7-неделното судење во Вишиот суд во Лос Анџелес. На компаниите им беше наредено да платат вкупно 3 милиони долари компензаторна отштета. Поротниците наскоро ќе разгледаат дали и колку дополнителни казнени отштети треба да се доделат, врз основа на нето-вредноста на секоја компанија.
Мета сноси 70% од одговорноста за штетата предизвикана на Кејли, а Јутјуб 30%, пресудија поротниците.
Кејли беше во судницата за време на изрекувањето на пресудата, заедно со родителите на други тинејџери за кои тврдат дека биле оштетени од користењето на социјалните медиуми.
Портпарол на Мета изјави дека компанијата ќе ги разгледа своите опции.
– Со почит, не се согласуваме со пресудата и ги оценуваме нашите правни опции – рече портпаролот.
Гугл најави дека ќе поднесе жалба на пресудата.
– Не се согласуваме со пресудата и планираме жалба. Овој случај погрешно го толкува Јутјуб, кој е одговорно изградена платформа за стриминг, а не страница за социјално вмрежување – изјави портпаролот на Гугл, Хозе Кастањеда.
На судењто Мета и Јутјуб ги негираа тврдењата во тужбата и ја оспорија идејата дека нивните платформи можат да предизвикаат зависност. Тие посочија на безбедносните функции што ги воведоа во последниве години, како што се алатките за родителска контрола и ограничувањата за содржината и приватноста за тинејџерите, за кои тврдат дека ги штитат младите луѓе.
Компаниите, исто така, треба да се појават на суд подоцна оваа година во првата од стотиците дополнителни тужби поднесени од училишните окрузи и државните обвинители низ целата земја, во правна бура што некои ја споредуваат со моментот кога тутунската индустрија се соочи со големи тужби („Big Tobacco moment“).
Кејли – која јавно е идентификувана само по нејзиното име, бидејќи нејзините тврдења се однесуваат на инциденти што се случиле кога била малолетна – опиша на суд како нејзината зависност продолжува да го нарушува нејзиниот живот како возрасна личност, велејќи дека се чувствува принудена да се искрадува од работа за да скрола и да поминува долги часови обидувајќи се да го манипулира својот изглед користејќи ги филтрите на апликациите.
Мета тврдеше дека тешкото детство на Кајли, а не социјалните медиуми, е причина за нејзините проблеми со менталното здравје. Но, адвокатот на Кејли, Марк Ланије, тврди дека тие предизвици само ја зголемуваат обврската на компаниите да ги заштитат децата.
Јутјуб тврдеше дека записите од профилот на Кејли покажуваат дека таа ја користела платформата само кратко време секој ден, што, според нив, е во спротивност со нејзините тврдења за зависност. Сепак, адвокатот Ланије рече дека, како и многу деца, Кајли често ја користела платформата ненајавена на својот профил.
За време на судењето сведочеа врвни раководители на компанијата, вклучувајќи го извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, шефот на Инстаграм, Адам Мозери и потпретседателот за инженерство на Јутјуб, Кристос Гудро. Мозери сведочеше дека верува дека употребата на социјалните медиуми може да биде „проблематична“, но не и „клинички зависнна“, а Гудро сведочеше дека неговите деца го користат Јутјуб со часови секој ден и дека верува дека е „добро“ за нив.
Внатрешните документи презентирани на судот фрлија светлина врз напорите на компаниите да привлечат млади корисници, како и врз тоа дека тие знаеле за потенцијалните ризици од нивните платформи. Документите на Мета, на пример, покажаа како компанијата одлучила да дозволи филтри за „убавина“ што манипулираат со изгледот на корисниците и покрај тоа што вработените и 18 експерти изразиле загриженост дека тие би можеле да бидат штетни.