ИСТОРИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА НА ЗОИ Првпат четворица наши спортисти на Олимпијада

Македонските скијачи со нова опрема и големи очекувања ќе настапат на Зимските олимписки игри Кортина – Милано 2026.

0

Македонија ќе испише нова страница во својата олимписка историја на Зимските олимписки игри Кортина – Милано 2026, каде што првпат ќе настапи со четворица спортисти, и тоа сите со исполнета олимписка норма.

Македонскиот олимписки комитет денеска им посака среќа и успешни настапи на нашите скијачи, кои во Италија ќе ја претставуваат државата во нордиското и алпското скијање. Тимот ќе настапи со нова официјална зимска опрема од брендот „JOMA“, специјално изработена за настапи во екстремни зимски услови.






Претседателот на МОК, Даниел Димевски, изрази особено задоволство што македонската репрезентација за првпат ќе брои четворица олимпијци.

„Досега не се случило четири македонски натпреварувачи, и тоа сите со исполнета норма, да настапат на Зимски олимписки игри. Македонскиот олимписки комитет ги обезбеди сите потребни услови и комплетна зимска опрема. Имам чувство дека можеме да оствариме добар резултат и да се претставиме во најдобро светло“, истакна Димевски.

Оптимизмот го делат и самите спортисти, кои најавуваат максимална борба и силни настапи на патеките во Италија.

Македонските бои на ЗОИ 2026 ќе ги бранат:

Ана Цветановска, во нордиско трчање – спринт и интервал старт на 10 километри

Ставре Јада, исто така во нордиско трчање – спринт и интервал старт на 10 километри

Јана Атанасовска, во алпско скијање – слалом и велеслалом

Виктор Петков, во алпско скијање – велеслалом.

Настапите на македонските нордиски скијачи се закажани за 10, 12 и 13 февруари, додека Атанасовска и Лазарески ќе ги гледаме на патеките на 14, 15 и 18 февруари.

Ставре Јада е најискусен од нашите претставници, за него ова ќе биде трета Олимпијада по Пјонг Чанг во 2018 и Пекинг во 2022 година и ќе настапи во крос-кантри нордиската дисциплина.

– Сакам да изразам благодарност до МОК и мојата матична федерација, скијачката за тоа што веруваат во моите можности. За мене ова ќе биде трета Олимпијада во низа, вложивме многу за да дојдеме до овој трет настап. На оваа Олмпијада одам со цел да постигнам најдобар резултат кој еден нордиец го постигнал за нашата држава. Се надевам на крајот ќе ја претставам, Македонија во најдобро светло и ќе бидам рамо до рамо со најдобрите – рече Јада.

Ана Цветановска дебитираше во Пекинг, па за неа ова ќе биде втора Олимпијада. Таа беше нашата единствена претставничка на Светското првенство во Трондхејм во нордиско трчање и ја потврди формата со 5-то место на силниот Балкански куп.

– Чест ми е што присуствувам на овој настан и што ќе сум дел од олимпискиот тим. Долгорочноста во овој спорт и интегритетот на нашата работа ќе се обидеме да ги нагласиме на овие Олимписки игри и да се претставиме во најдобро светло – изјави Цветановска.

Младата Јана Атанасовска го држи рекордот за најдобар остварен резултат во историја на македонското алпско скијање во женска категорија со освоени 30,56 ФИС точки.

– За мене ова е голем успех. Настапот на Олимписките игри не е само остварување на сонот на едно младо девојче, туку и голем чекор во мојата кариера. Одам таму максимално подготвена и верувам ќе ја пренесам формата од тренинзите на патката – вели Јана.

Четвриот наш натпреварувач е Виктор Петков, кој последен влезе во ова одбрано друштво.

– Се надевам дека ќе ја претставам Македонија во најдобро светло, ќе го дадам својот максимум. Норматта ја исполнивме и сега останува да дадеме е од себе во Кортина – рече Петков.

Зимските олимписки игри Кортина – Милано 2026 ќе се одржат во периодот од 6 до 22 февруари, а македонскиот тим во Италија оди со историски состав и големи очекувања.

Поврзани содржини