ИСТ ПОЛИЦАЕЦ, ИСТО МААЛО, СЕКОЈ ДЕН Тошковски најави маалска стража од следната есен

Министерот Тошковски најави нов концепт на присуство на полицијата, исти службеници секој ден во истите реони, за поголема доверба и безбедност.

3,313

Од следната есен граѓаните ќе ги гледаат истите полицајци на истите улици во нивните населби. Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, промовирајќи ја идејата за „маалски полицаец“, која треба да стане дел од новиот концепт на јавно безбедносно присуство од есен 2026 година.

– Преку новиот закон за полиција, очекувам веќе од следната есен да имаме зголемена видливост на полицијата на терен. Истите службеници ќе бидат присутни во истите реони, со цел континуитет и доверба – истакна Тошковски.






Со оваа најава, Министерството планира значително да ја зголеми довербата меѓу полицијата и граѓаните, со редовно присуство на исти службеници во секоја населба, што ќе придонесе и за подобра превенција од криминал.

Плусинфо пред четири години пишуваше за овој проект, кој во 2018 година го најави тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, но тој не се реализира.

Во вечерните часови низ скопските населби, но и во повеќе градови низ државата, се случуваат демолирања на детски игралишта, беснеења со автомобили, кршења на сообраќајни знаци и клупи, а групи малолетници се однесуваат како да нема закон.

Полицајци не се гледаат по улиците навечер

– Често шетам по 21 часот и искрено, не сум видел ниту обична полиција, ниту интервентна. А секоја вечер гледаме деца што се тепаат, уништуваат игралишта, демолираат коли… – вели скопјанецот Горан П. за Плусинфо.

Тој се сеќава на друго време, кон крајот на 1990 и почетокот на 2000 година, кога полицајците биле постојано присутни и активни во маалата.

– Во мое време, во Лисиче имаше еден познат полицаец – Тони Кариес. Сите го знаевме и се плашевме од него, дури и кога не сме направиле ништо. Знаеше кој каде живее, чие е кое дете… Тоа сега недостига. Не за страв, туку за безбедност – додава Горан.

 „Страв ми е да пријавам – ќе ме нападнат!“

Скопјанката Ана сведочи за уште еден проблем: стравот кај граѓаните да реагираат на девијантно однесување, особено кога станува збор за групи малолетници.

– Гледаме што прават, ама тие се во групи, бесни се, не се знае кој на што е спремен. Имам пријавувано, ама доаѓа полиција дури кога сè е веќе готово – раскажува таа.

Според неа, полицијата мора да биде видлива, не само на булеварите, туку и во малите улички, парковите и на игралиштата. Наместо тоа, таа често ги гледа полицајците како одмораат по локали или седат во возила.

– Имам видено и по некој угостителски објект како си пијат кафе, гледаат ТВ… Не велам дека сите се такви, но навистина фали теренска работа – вели Ана.

Граѓаните сега очекуваат дела, а не нови најави. Зашто јавниот ред, безбедноста и чувството дека „не си сам кога некој те малтретира“ треба да бидат основна функција на секоја полиција.

Поврзани содржини