ИСТ ГЕЈТ МОЛ ЌАРИ ЈАВЕН ПАРКИНГ, ШКОЛИТЕ ПОВТОРНО РЕНТААТ ПРОСТОР! Според Левица големите партии го жртвуваат јавниот интерес за приватни бизнис-цели
Приходите од објектите кои ги издаваат училиштата не се трошат за подобрување на образовниот процес, туку се трошат по семинари, шетања, прослави и други активности, надвор од програмите на училиштата и јавните установи – рече советникот на Левица.
На денешната седница на Советот на Град Скопје советниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ покренале иницијативи со кои директно се застапуваат приватни бизнис-интереси на сметка на јавниот интерес – обвини денеска советникот од Левица во Советот на Град Скопје Реџеп Исмаил Хактан.
СДСМ покренал иницијатива која има за цел, како што тврди советникот Хактан, да овозможи узурпација на јавен простор од страна на „Ист Гејт Мол” и на тој простор да се наплаќа паркинг. ВМРО-ДПМНЕ, пак, преку бирократско-правни финеси го запакува бизнис-интересот на оние кои во четири очи си закупуваат простории од училиштата и Јавните установи на Градот, без притоа Градот да има удел и контрола врз тоа, обвини советникот.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ со оваа иницијатива ја отповикал претходната одлуката на Советот на Градот, која пред само неколку седници токму советниците на оваа партија ја изгласале – одлука со која се става крај на безредието и злоупотребата со издавање на јавните површини и просториите на училиштата и јавните установи под Градот.
– Со денешната нивна иницијатива, советниците на ДПМНЕ ја отповикаа и ја вратија старата одлука во сила, со која повторно ќе се овозможи издавање на јавните површини и просториите на училиштата и јавните установи по багателни цени. И она што јавноста малку го знае, приходите од објектите кои ги издаваат училиштата не се трошат за подобрување на образовниот процес, туку се трошат по семинари, шетања, прослави и други активности, надвор од програмите на училиштата и јавните установи – рече советникот на Левица.