ИСПРАЛЕ 23.000 ЕВРА ПРЕКУ ТЕНДЕР СО „ФАНТОМ“ СПЕЦИФИКАЦИЈА Кривична за екс-директор и за тројца поврзани со „Водовод“- Кочани

Четири лица добија пријави дека во 2021 година, како вработени во „Водовод“-Кочани фаворизирале правно лице од село во Општина Могила, а директорот потпишал договор за средство за превентивна санација од пожари вреден речиси 23.000 евра. Се смета дека лицата во тендерската документација вметнале спецификација за продукти што не постоеле на пазарот.

163

Скандал со јавна набавка го тресе Кочани. Поранешен директор, поранешен вработен и двајца вработени во „Водовод“-Кочани се осомничени дека со наместен тендер овозможиле фирма од Могила да стекне противправна имотна корист од речиси 23.000 евра.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Кочани доставила пријави до Основното јавно обвинителство Кочани за А.К.(44), поранешен директор, З.Г.(53) и Б.А.(64), вработени во претпријатието, како и З.Ј.(55), поранешен вработен.






Тендер за „непостоечки“ производи?

Истражителите утврдиле сомнеж дека во 2021 година, второосомничениот како претседател на Комисија за јавна набавка, заедно со двајца членови, постапиле спротивно на Законот за јавни набавки. Спровеле постапка за набавка на средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија.

Во тендерската документација вметнале спецификација за продукти што не постоеле на пазарот. Целта била да ја ограничат конкуренцијата и да фаворизираат правно лице од село во Општина Могила.

Директорот потпишал, 1.406.306 денари исплатени

Поранешниот директор, иако бил должен да ја провери законитоста на постапката, донел одлука за избор на најповолен понудувач. Во име на КЈП „Водовод“ – Кочани склучил договор.

Со тоа му овозможиле на економскиот оператор да стекне противправна имотна корист од 1.406.306 денари, односно околу 22.800 евра.

Случајот отвора сериозни прашања. Дали јавната набавка била однапред насочена? Дали системот за контрола затаил? Одговорите ќе ги бара обвинителството.

Поврзани содржини