ИСПЛАШЕНИ СЕ, НЕ ЗНААТ ДАЛИ НЕКОЈ ПРОПЕАЛ Мицкоски вели дека инспираторите на прислушкувањето ги мобилизирале сите свои соработници да шират магла

Ако сум направил нешто компромитирачко или противзаконски, зошто нема пријава против мене, прашува премиерот Мицкоски.

1,857

Јасно е како бел ден дека се уплашени. Како тоа сега измислуваат различни изговори, откако се фатени живи, СДСМ едно кажува, Виктор Димовски друго, па се заплеткуваат и дават во сопствените тези, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за Дојче веле.

– Сакам уште еднаш да им порачам, секој што учествувал во тоа ќе одговара. Ако имало нешто против мене, зарем тие, како бран залетани – би ми простиле, кога половина ВМРО и виновни и невини ги натрупаа во случаи? Сега, пак, се уплашени, а јас со задоволство гледам како се прпелкаат од страв, паника и полни со неизвесност. Не знаат дали некој пропеал, дали сè се знае или само дел, дали ќе има конечна разрешница. Во оваа состојба, тие не се ни свесни до крај дека ова нема добро да заврши за нив. Затоа губат време пишувајќи анонимни писма, и тоа токму инспираторите на ова – како ќе глумат жртви, како ќе напаѓаат ширејќи магла и дезинформации. Забавно е да се гледа како тие исти инспиратори се мобилизираат и ги мобилизираат сите нивни соработници, кои „никнуваат“ од разни страни. Сè си се покажува точно како што очекувавме. И јас сум задоволен од тоа што досега се случува. И тезата дека сум „случајно“ фатен додека следеле други е смешна и истовремено трагична теза која е невистинита и наивна, па ако е така зошто тогаш само мене ме следеле и очигледен фокус на следењето сум јас? Ако сум „ловен“ преку други, тогаш за нив ќе има документација, а вака само за мене има. Тотална небулоза им е тезата и срам ми е дури и да ги слушам како се препелкаат и преткаат со рацете, па ако удрат и погодат нешто – супер. Па овде живее искусен и мудар народ. Ви ги знае триковите. Ве виде на дело. Каде е животот што го ветувавте? Срамни се овие потценувања кон сопствениот народ кои упорно ги продолжуваат. СДС, за жал, не се менува и огромна е опасноста како тргнале да станат маргинална партија и нивниот простор да го заземе некој друг. Но тоа е нивен проблем. Исто како што е нивен проблем, т.е. на нивните функционери и нивна одговорност тоа што ќе следи во овој процес за следење и злоупотреби на службената положба – вели Мицкоски.






Тој вели дека организирањето следење не било само од АНБ, туку и од Агенцијата за разузнавање и дека и двете биле користени за лични и за политички цели.

– Кој бил интересот на државата да следи новинари, медиуми или моите деца? Тоа кажува дека системот во рацете на тие луѓе забегал. Затоа уште повеќе инсистирам овој случај да биде разрешен, затоа што има тренд, неславна традиција на злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби овие три децении. Индикативно е што тоа се горе-долу истите луѓе кои ги одработуваат ваквите масовни злоупотреби, со што го разнебитуваат системот и нанесуваат штета не само на индивидуи и нивните семејства, туку и на целата држава, уривајќи ги демократските темели врз кои треба да почива системот. Време е да се стави крај и да се испрати порака дека тие не се посилни од државата – вели Мицкоски.

Премиерот додава дека овие настани само докажуваат дека нешто мора да се преземе, дека службите треба да имаат системи на цивилна контрола, да се раководат одговорно и професионално и да се спречува нивна злоупотреба.

– Со оглед на тоа што го објаснува опозицијата, па дури и нивниот поранешен директор кој упорно си ја „брка мувата од капата“, тие можат да измислат причина за секој во државата да биде следен и да ја поткрепат со измислена изјава на двајца нивни соработници. Потоа да почнат да следат некого, а зад тоа вистинските цели и намери да бидат политички, бизнис или рекетарски. Наместо да се занимаваат со бандите од Грчец, Арачиново и со криминалот на ДУИ и нивните функционери, или со криминалот на сите политичари од 90-тите па до денес, или со повратниците од Сирија, службата ме следела мене и моите деца. Тоа може да го направи само болен ум. А тој болен ум може да најде медиокритети кои потоа ќе го правдаат тоа на секој можен начин по медиумите, тврдејќи дека службата си ја вршела својата работа следејќи криминалци, па „случајно“ Мицкоски се фатил на јадицата. И? Вам тоа ви изгледа логично? Или е само лажно оправдување за да ме следат? Ако било така, зошто не сум уапсен? Ако сум направил нешто компромитирачко или противзаконски, зошто нема пријава против мене? – вели Мицкоски.

 

Поврзани содржини