ИСКРЕНА ИСПОВЕД НА ВЕДРАНА РУДАН ЗА БОЛЕСТА „За мене се грижи семејството, се срамам на кои гранки паднав“

Писателката, која речиси две години се бори со редок и агресивен рак на жолчните канали, отворено проговори за својата состојба и упати критики до здравствениот систем

0

Писателката и колумнистка Ведрана Рудан (76), која речиси две години се бори со редок и агресивен карцином на жолчните канали, во својата најнова колумна повторно искрено проговори за болеста. Таа опиша како изгледа нејзиното секојдневие денес, призна дека е зависна од помошта на најблиските и порача дека е свесна оти животот полека ѝ се приближува кон крајот.

На почетокот од колумната напишала дека по контролниот преглед се вратила дома, каде што секојдневно се грижи за неа нејзиното семејство.






– Во групата сум на оние на кои им е најтешко. Затоа знам дека не ми е најтешко. Ќе умрам јас, ќе умрат и другите – напишала Рудан.

Таа признава дека тешко ѝ паѓа фактот што повеќе не може самостојно да ги извршува ниту најосновните работи.

– Во моментов сум дома. За мене се грижи семејството. Супа, чај, цврста храна, мека храна, миење во кревет… Се преправам дека дремам. Срам ми е. На кои гранки паднав – пишува таа.

Длабоко трогната од медицинските сестри

Иако колумната ја започнала со сопствената борба со болеста, најголем дел од текстот им го посветила на медицинските сестри и лекарите од одделението за онкологија во Риека.

Според неа, за време на лекувањето одблиску сведочела на нивната пожртвуваност и смета дека работат во речиси невозможни услови.

Се потсетува како биле покрај неа и среде ноќ, ѝ мереле температура, ја негувале и се грижеле за неа, поради што верува дека нивната работа не е доволно ценета.

– Не сум богата. Да бев, ќе им дадев сè што имам – напиша Рудан.

Особено ја погодила приказната за лекарка која, како што наведува, организирала еднодневен излет за исцрпените колеги за барем накратко да им овозможи одмор од тешките смени.

„Државата е рак за Хрватска“

На крајот од колумната Рудан упати остри критики кон хрватскиот здравствен систем и ги повика граѓаните да се борат за промени.

– Излезете на улиците и со сите сили борете се против Државата, која е рак за Хрватска – пишува таа.

Борба со ретка и тешка болест

Да потсетиме, на Ведрана Рудан во мај 2024 година ѝ бил дијагностициран редок и агресивен карцином на жолчните канали. Иако била меѓу ретките пациенти кај кои операцијата била можна и ѝ бил отстранет дел од црниот дроб, болеста набргу се вратила.

Подоцна ѝ биле откриени и метастази на коските и црниот дроб.

Поради силните болки размислувала и за заминување во Швајцарија за асистирано завршување на животот, но се откажала од таа намера поради влошената здравствена состојба.

Пресврт се случил во март годинава во Клиничкиот болнички центар во Риека, каде што станала првата пациентка во светот третирана со хипербарична кислородна терапија како дел од иновативен пристап во лекувањето.

Поврзани содржини