ИРСКА ДОМИНИРАШЕ, НО БЕЗ ПОБЕДА Македонија се одбрани за реми
Македонската репрезентација со дефанзивен пристап и мал број шанси извлече реми против Ирска на пријателскиот натпревар во Даблин.
Македонската фудбалска репрезентација одигра без голови (0-0) против Ирска на пријателски натпревар одигран вечерва на стадионот Авива стадион, во дуел на селекции кои неодамна останаа без пласман на Светското првенство.
Избраниците на селекторот Гоце Седлоски настапија претежно дефанзивно и упатија само еден удар кон противничкиот гол. Седлоски направи четири измени во почетниот состав во однос на дуелот против Данска, давајќи им шанса на Велковски, Костадинов, Алими и дебитантот Фетаи.
Домаќините ја имаа иницијативата, но првата посериозна шанса ја имаше Македонија, кога голманот Куивин Келехер го одбрани ударот на Енис Барди од слободен удар во 21. минута.
Во периодот од 24. до 26. минута Ирска се закани двапати, но Столе Димитриевски интервенираше по ударот со глава на Трој Перот, додека Азез беше непрецизен од слободен удар.
Во финишот на првото полувреме Ирците повторно беа опасни. Перот во 39. минута од десетина метри шутираше над голот, а четири минути подоцна негов погодок беше поништен поради офсајд.
По паузата Ирска тргна поофанзивно и во 52. минута ја имаше најдобрата шанса, кога Перот од непосредна близина ја погоди стативата.
Бројните измени и прекини поради повреди го успорија темпото во продолжението, а домаќините во судиското продолжение пропуштија идеална шанса за победа преку Еван Фергусон Кени, па натпреварот заврши без голови.