ИРАНСКИТЕ РАКЕТНИ НАПАДИ ВРЗ ИЗРАЕЛ ОДЗЕДОА 13 ЖИВОТИ, ЗАГИНАА И ДЕЦА Претседателот Херцог во шок и во жалост
СпореЗагинаа 3 деца, 9 лица се тешко повредени, 30 луѓе имаат средно тешки повреди, а 341 лице претрпеле полесни повреди од иранскиот напад врз Израел, според соопштението од Кабинетот на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.
Тринаесет лица загинаа во иранските напади врз Израел што започнаа во петокот, соопшти денеска Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Меѓу загинатите има и 3 деца, 9 лица се тешко повредени, 30 луѓе се со средно тешки повреди, а 341 лице се здобиле со полесни повреди“, се наведува во соопштението.
Нападите следеа по голем израелски удар врз ирански цели, започнат во петокот, а земјата и натаму е под аларм поради ирански ракети.
Израелската армија од петокот изведува напади врз Иран со цел да го спречи развојот на нуклеарно оружје, тврди израелската Влада. Според соопштенијата, гаѓани биле стотици ирански воени и нуклеарни објекти, по што Иран возврати со балистички ракети и дронови.
Армијата денеска, преку социјалната мрежа Икс, им се обрати на иранските граѓани, повикувајќи ги да се евакуираат од зони блиску до воени објекти, предупредувајќи дека „нивниот живот е во опасност“. Пораката е објавена на арапски и на фарси.
Претседателот Херцог жали за жртвите од иранскиот ракетен напад
Израелскиот претседател, Ицак Херцог, изрази жалење за Израелците убиени во иранските ракетни напади во текот на ноќта, велејќи дека станува збор за „многу тажно и тешко утро“.
„Нашите сестри и браќа беа убиени и повредени синоќа во криминалните ирански напади врз цивилното население во Бат Јам, Тамра и врз други заедници. Евреи и Арапи, долгогодишни граѓани и нови доселеници, вклучувајќи деца и постари лица, жени и мажи. Ja споделувам големата тага на семејствата и жалам поради ужасната загуба. Се молам за закрепнување на повредените и за пронаоѓање на исчезнатите. Ќе жалиме заедно. Ќе надминеме заедно“, напиша Херцог во објава на платформата Икс.
Според медиумските извештаи, најмалку 8 лица загинаа, а десетици се повредени во серија напади што погодија станбена зграда во Бат Јам, во близина на Тел Авив, и дом во северниот град Тамра. Во Бат Јам продолжува потрагата по околу 20 исчезнати лица.