ИРАН САКА ДА ЈА ВОВЛЕЧЕ ЕВРОПА ВО ВОЈНАТА СО НАПАДОТ ВРЗ КИПАР Израелски амбасадор се надева дека ЕУ ќе реагира
Како и до кој степен ќе реагира Европа, тоа е одлука што мора да ја донесат европските држави, вели амбасадорот на Израел во Германија, Рон Просор и посочи на член 42 од Договорот за ЕУ, кој ја наложува поддршката на сите членки во случај на напад врз една членка.
Амбасадорот на Израел во Германија, Рон Просор, денеска го обвини Иран дека сака да ја вовлече Европа во војната на Блискиот Исток.
– Нападот со беспилотни летала врз британската воена база на Кипар покажува дека Иран се обидува да ја вовлече Европа во борбите – изјави израелскиот амбасадор во Берлин, Рон Просор, за германската новинска агенција ДПА.
Тој рече дека се надева оти „Европа ќе го забележи овој напад“ и ќе реагира на него.
– Како и до кој степен ќе реагира Европа, тоа е одлука што мора да ја донесат европските држави – рече Просор.
Тој посочи на член 42 од Договорот за ЕУ, кој ја наложува поддршката на сите членки во случај на напад врз една членка.
– Кипар е дел од Европа и затоа постои одговорност да се брани Кипар – рече Просор.
Тој го критикуваше фактот дека Европа предолго се потпирала на преговорите со Иран.
– Режимот на мулите преговараше со Европа 47 години, раскажуваше приказни од „Илјада и една ноќ“ и ја влечеше Европа за нос. На крајот, ништо не произлезе од тоа – рече амбасадорот Просор.
Иран ја нападна британската воена база Акротири на Кипар со беспилотно летало Шахид во ноќта од недела кон понеделник.
Според британското Министерство за надворешни работи, Велика Британија „одбранбено“ учествува во војната против Иран.