ИРАН ПОСТАВИ УСЛОВ ЗА МИР „Ако е крај, дефинитивно да е крај!“
Иран порача дека не бара прекин на огнот, туку траен и конечен крај на војната со Израел и со САД. Шефот на дипломатијата Абас Арагчи изнесе остри обвинувања за нападите врз цивилни објекти и порача дека Техеран ќе продолжи да се спротивставува на притисоците.
Техеран порача дека евентуален крај на војната со Израел и со САД мора да биде конечен. Иранската дипломатија тврди дека земјата не бара прекин на огнот, туку јасен и траен завршеток на конфликтот.
– Иран не побара прекин на огнот и сака секој крај на војната со Израел и со САД да биде дефинитивен – рече шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи.
Според него, Техеран не прифаќа привремени решенија. Тој порача дека ако конфликтот заврши, тоа мора да биде трајно.
Коментарите на Арагчи се однесуваат и на американските и израелските напади врз Иран.
– Интересно е што САД признаваат дека напаѓаат за забава. Нè изненадува што меѓународната заедница не презема мерки – рече тој.
Арагчи тврдеше дека во Иран биле нападнати цивилни објекти, меѓу нив болници и училишта.
– Според извештајот на министерот за здравство, нападнати се 53 болници. Нападнати се и стадиони, меѓу нив и стадион со 12.000 седишта – рече тој.
Тој додаде дека има жртви и меѓу спортската заедница.
Иранскиот министер порача дека земјата ќе продолжи да се спротивставува на притисоците.
– Нашата нација е угнетена, но е херојска нација. Таа се спротивставува на сите овие притисоци со достоинство – изјави Арагчи.