ИРАН ПОДГОТВУВА ОДМАЗДА ЗА ИЗРАЕЛ Техеран брутално се закани по нападот на нивниот конзулат во Дамаск
Израел мора да знае дека никогаш нема да ги постигне своите цели и дека ова кукавичко злосторство нема да остане без одговор - предупреди иранскиот претседател Ебрахим Раиси.
Иранскиот Врховен совет за национална безбедност денеска одлучи дека ќе одговори на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во сириската престолнина Дамаск, во кој загинаа еден генерал и уште шест воени лица.
Со советот претседаваше иранскиот претседател Ебрахим Раиси, јави државната телевизија и наведе дека Израел, бидејќи не успеа да ја уништи волјата на отпорот, „на агендата го врати убивањето за да се спаси себеси“, пренесува Ројтерс.
– Израел мора да знае дека никогаш нема да ги постигне своите цели и дека ова кукавичко злосторство нема да остане без одговор – предупреди Раиси.
Не е објаснето дали одговорот ќе биде извршен директно од Иран или тоа ќе бидат милитантните групи што ги поддржува, како Хезболах и Хутите, пишува Асошиејтед прес.
Израел претходно во своите напади ги таргетираше иранските официјални лица поради поддршката на групите кои се борат во Газа, но нападот врз конзулатот претставува ескалација.