ИРАН ОЧИГЛЕДНО НЕ ТРЕБА ДА ИМА НУКЛЕАРНО ОРУЖЈЕ Фон дер Лајен се слушнала со Нетанјаху, премиерот ветил дека помошта ќе стигне во Газа
Претседателката на Евроспката Комисија, Урсула фон дер Лајен, истакна дека, според неа, најдобро долгорочно решение е да се постигне договор меѓу Иран и Израел преку дипломатски преговори.
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, изјави дека вчера во телефонски разговор му рекла на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека дипломатијата е најдоброто долгорочно решение за конфликтот со Иран.
Сепак, претседателката на ЕК не повика на итен прекин на огнот, велејќи дека „Иран очигледно не треба да има нуклеарно оружје“.
– Но, секако мислам дека решението преку преговори, на долг рок, е најдоброто решение – додаде Фон дер Лајен на првиот ден од самитот во Канада на Групата на напредни економии, во која се вклучени САД, Јапонија, Германија, Велика Британија, Франција, Италија и Канада, како и ЕУ.
Урсула фон дер Лајен изјави дека Нетанјаху ветил дека ќе направи повеќе за да достави помош во Појасот Газа кој е разорен од војната.
– Инсистирав дека хуманитарната помош, што не стигнува до Појасот Газа, мора да влезе на таа територија. Тој (Нетанјаху) вети дека ќе го стори тоа – изјави таа пред новинарите во Кананаскис, западна Канада, каде што се одржува самитот на Г7.