📽️ ИРАН ГО ОТКРИ „ТУНЕЛОТ НА ДРОНОВИ“ Техеран се закани со подводни ракети во Ормускиот теснец

Иран објави видео од подземни тунели со поморски дронови, ракети и морски мини подготвени за напади во Ормутскиот теснец. Техеран предупреди дека може да употреби подводни ракети и дека конфликтот може да ја крене цената на нафтата до 200 долари за барел.

1,085

Иран објави нови снимки во кои тврди дека ја прикажува својата флота од поморски дронови натоварени со експлозив. Според Техеран, тие се подготвени за напади во Ормускиот теснец, еден од најважните морски премини во светот.

Снимките, објавени на социјалните мрежи, покажуваат подземни тунели исполнети со оружје. Во нив се гледаат поморски дронови, противбродски ракети и морски мини. Прикажани се и бројни јуришни чамци кои, според тврдењата на иранските власти, се користат за лансирање дронови кон бродови што минуваат низ регионот.






Ормускиот теснец е клучна точка за глобалната енергетска трговија. Низ него се транспортира околу 20% од светската нафта.

 

„Имаме ракети што се испукуваат под вода“

Висок генерал на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, Фадави, изјави дека Иран располага со подводни ракети со голема брзина.

– Имаме ракети што се испукуваат под вода со брзина од 100 метри во секунда и би можеле да ги употребиме во наредните денови – предупреди тој.

Техеран тврди дека ваков вид оружје поседуваат само Иран и Русија.

„Крв ќе тече во Заливот“

Остри пораки испрати и претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф.

– Секоја агресија на почвата на иранските острови ќе ги наруши сите ограничувања. Ќе ги отфрлиме сите ограничувања и ќе ја натераме крвта на напаѓачите да тече во Персискиот Залив – рече тој.

Иранските власти претходно се заканија дека војната во регионот може драстично да ја зголеми цената на нафтата. Според нивните проценки, барелот би можел да достигне и до 200 долари.

Поврзани содржини