ИНВЕСТИЦИСКАТА МАПА ДЕФИНИРА 6 КЛУЧНИ СЕКТОРИ ЗА ВЛОЖУВАЊЕ Владата е посветена на целите од Националната развојна стратегија 2024-2044
Од октомври 2024 година досега се одржани 11 состаноци на различни теми, на кои учествуваа над 1.200 учесници, а од кои прозилегоа 46 мерки и активости.
Владата и општините изработуваат инвестициската мапа која е замислена како еден вид мост кој го поврзува јавниот интерес, односно, потребите на граѓаните и на државата со поривот на бизнис-секторот да инвестира во области што носат приходи, раст и благосостојба. Инвестициската мапа се изработува како дел од Националната развојна стратегија која се однесува на периодот од 2024 до 2044 година и ќе биде промовирана во повеќе држави. Во неа се дефинирани 6 клучни сектори за вложување.
Од Владата брифираат дека досега се одржани 3 седници на Националниот комитет за развој, со кој претседава премиерот Христијан Мицкоски, а четвртата е закажана за 23 декември. Целта е, велат од Владата, оваа Национална стратегија, која е прва од овој вид и е донесена со акламација во Собранието, навистина да се реализира и да се остварат нејзините цели, односно, да не остане само на хартија.
Од октомври 2024 година досега се одржани 11 состаноци на Работниот комитет, на различни теми – безбедност во сообраќајот, внатрешна безбедносна политика, владеење на правото, дигитализација, енергетика, локален и регионален развој, миграциски прашања, надворешна политика и надворешна трговија, одржлива, конкурентна и иновативна економија, патна инфраструктура, железница и управување со вонредни состојби. Од Владата информираат дека на овие состаноци учествувале над 1.200 учесници, а предложените мерки потоа се презентирани пред Националниот комитет за развој.
Од овие состаноци се произлезени 46 мерки и активности, како на пример дигитализација на платни налози од правосудството, ресурсни центри за локалната самоуправа, предлог за е-апостил итн. Следните состаноци ќе бидат на темите образование, здравство и регулаторна гилотина.
Основните цели на Националната стратегија 2024-2044 се: зајакнување на конкурентноста на економијата преку функционален и иновативен екосистем, усовршување на вештините и знаењето, како и вклученост и отпорност на граѓаните. Овие цели се реализираат преку 6 стратешки области: одржлива, иновативна и конкурентна економија, одржлив локален и регионален развој, демографска ревитализација, социјален и културен развој, сигурно, безбедно и отпорно општество, владеење на правото и добро управување и зелена трансформација. Централни елементи, пак, и основен предуслов за напредок во секоја стратешка област се развојот на човечкиот капитал и дигитализацијата на општеството.
Доколку се остварат целите на стратегијата, според процените на експертите, Македонија ќе има годишен раст на економијата од 4,6 отсто.
Националната стратегија е достапна на сајтот www.nrs.mk каде граѓаните можат да оставата свои предлози и идеи и да се информираат до каде е исполнувањето на поставените цели.