ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА ЗА ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ ЗАКАЖАНА ЗА 29 ЈУЛИ Левица смета дека Коцевски не ги почитува уставните обврски
Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство-Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје, се вели во интерпелацијата за Коцевски што ја поднесе Левица.
За интерпелацијата за работата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, поднесена на 26 јуни од пратеничката група на Левица, ќе се расправа во рамки на 64. собраниска седница закажана на 29 јули, наведено е на собраниската веб-страница.
Во интерпелацијата доставена до претседателот на Собранието, Африм Гаши, пратениците од Левица посочуваат дека ја поднесуваат поради непочитување на уставните и на законските обврски.
„Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство-Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје“, се вели во интерпелацијата.
Од почетокот на мандатот на јавниот обвинител Коцевски, се додава во предлогот за интерпелација, во Јавното обвинителство владее нефункционална и токсична атмосфера, неажурност во постапките, а забележани се и надворешни политички влијанија врз неговата работа.