ИНТЕРПЕЛАЦИЈА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УСТАВНИОТ СУД НА СЛЕДНАТА ПЛЕНАРНА СЕДНИЦА Дарко Костадиновски не му одговорил на Собранието

Предлогот за интерпелација го поднесоа пратеници од опозицискиот Европски фронт, според кои, Костадиновски свесно го прекршил Законот за употреба на јазиците, а Уставниот суд смета дека не е уставно да се примени интерпелација врз уставен судија, затоа што на тој начин се прави упад во четвртата уставно-судска власт.

348

Интерпелацијата за претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски ќе биде ставена како прва точка на дневниот ред на следната пленарна седница на Собранието, на почетокот на јули, најави денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите. Роковите предвидени во Деловникот течат, додаде тој, рокот за одговор на барањето помина, а Костадиновски не испрати одговор.

Предлогот за интерпелација го поднесоа пратеници од опозицискиот Европски фронт, според кои, Костадиновски свесно го прекршил Законот за употреба на јазиците.






Претседателот на Уставен претходно најави дека нема ниту да отиде на седницата на која ќе се расправа за неговата интерпелација. Тој рече дека Уставот не предвидува никаква можност за интерпелација на уставен судија, како претставник на четвртата власт во државата, која ги контролира останатите три власти.

Во врска со овие ставови на Костадиновски претседателот Гаши рече дека во Уставот не е предвидена интерпелација ниту за премиер, ниту за јавен обвинител, ниту за ниедна конкретна функција.

– Уставот предвидува интерпелација за носител на јавна функција. Тоа е јасно одредено во член 72 од Уставот, како и во Деловникот на Собранието. Од претседателот Костадиновски не добивме одговор, но, ние ќе постапиме. Негово право е дали ќе дојде или не на седницата, но ние како Собрание мора да ја испочитуваме процедурата и ќе ја ставиме точката на дневен ред. Тоа што тој ќе биде отсутен не е е пречка да тече седницата. Предлагачот ќе ги образложи причините за интерпелацијата во 20 минути, а потоа тој на кој се однесува барањето има право на одговор пред пратениците. Потоа си тече седницата со дискусија на пратениците – рече претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Од Уставниот суд во март посочија веќе имаат претходно изграден официјален став за можноста за интерпелација на уставен судија, односно дека Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт.

„Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, не подлежи на начелото на поделба на власта. Уставотворецот го поставил Уставниот суд над трите власти затоа што тој е контролор на нивните постапки акти и дејствија. Самостојноста и независноста на Уставниот суд и уставните судии имаат најсилна уставна гаранција. Уставот не му дозволува на Собранието со законски решенија на кој било начин да влијае на надлежностите, начинот на избор и престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии“, се вели во ставот на Судот.

Институтот „интерпелација“ предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии, се додава во мислењето од Уставниот суд.

„Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н.уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд. Основите за престанок на функцијата уставен судија се предвидени во членот 111 од Уставот. Секоја постапка или дејствие преземено надвор од оваа уставна одредба би претставувало грубо кршење на Уставот, повреда на уставните гаранции за самостојноста и независноста на Уставниот суд. Секој е должен да го почитува Уставот“, се вели во официјалниот став на Уставниот суд.

Во јавен настап Костадиновски неодамна рече дека на барањето за негова интерпелација гледа како комплимент.

– Штом се нервозни од Уставниот суд, тоа е најдобар показател дека сме на правиот пат. Кога Уставниот суд изградил став, тој е највисокиот авторитет што го толкува Уставот. Тој механизам за политичка контрола е апсолутно неподобен за уставните судии. Тогаш не треба да има дилема. Уставниот суд е органот што го контролира Собранието, неговите закони и замислете ако се доведе во прашање можноста да се прават интерпелации кои може да се толкува на различни начини, влијание, притисок, тогаш не можеме да зборуваме за состојба на уставност. Уставниот суд го има апсолвирано ова прашање. Ниту планирам да се појавам во Собранието, мојот став е јасен. Единствено што можам да направам е да апелирам до сите политички чинители, не декларативно туку вистински да се посветат на владеењето на правото. Правилно да ги разбираат пораките што ги добиваме од нашите стратешки партнери кои континуирано повторуваат дека е неприфатливо влијанието во судската власт и уште помалку во уставно-судската власт – рече претседателот на Уставниот суд.

Пратеникот Илир Хасани од Европскиот фронт кога ја поднесе интерпелацијата рече дека иницијативата нема цел да изврши притисок врз Уставниот суд, туку има социјално и медиумско влијание и да се поведе институционална дебата за функционирањето на таа институција и за улогата на нејзиниот претседател во почитување на Уставот и постоечките закони. Според Хасани, Костадиновски има предрасуди кон албанскиот јазик.

– Во причините за интерпелацијата може да споменеме негово интервју од август 2024 година, каде што вели, цитирам „политиката што ја создаде тој закон создаде еден вид правен хаос што резултираше со политички хаос, недоверба и дилема. Факт е дека законот се спроведува и дека создава проблеми со неговата имплементација“. Оваа изјава покренува неколку прашања: Врз основа на кој член од Уставот или конкретен закон претседателот на Уставен суд смее да карактеризира закон како извор на политички и правен хаос? Дали е во надлежност на претседател на Уставен суд да утврди проблеми во спроведување на законот и да предвиди законодавна интервенција? Ваквите изјави ги намалуваат рамките на надлежностите дефинирани со закон и создава серија сомнежи за непристрасноста на претседателот на Судот во случаи што уште се во фаза за разгледување – рече пратеникот Хасани при поднесувањето на интерпелацијата.

Поврзани содржини