ИНСТИТУЦИИТЕ ДА ПОСТАПАТ ЕДНАКВО ЗА СИТЕ ДИВОГРАДБИ Ѓорѓиевски вели дека ГУП-от за Скопје треба да се носи транспарентно

1,347

Генералниот урбанистички план (ГУП) за Скопје ќе се носи низ крајно транспарентна постапка и исклучиво во корист на граѓаните, рече денеска Орце Ѓорѓиевски, кандидат за скопски градоначалник, актуелен претседател на ЗЕЛС и градоначалник на општина Кисела Вода.

Ѓорѓиевски е дециден дека не може граѓаните во одредено населено место последни да дознаваат што се планира во нивната населба.






– Тоа е апсурд од невидени размери и јас нема да дозволам во перспектива такво нешто. Урбанизмот ќе се креира хумано, согласно потребите на граѓаните. Граѓанинот секогаш ќе го има приматот во таа постапка. Во однос на ГУП, сите ќе бидат вклучени во постапката, таа ќе биде јавна и транспарентна. Во тој дел да нема сомнеж целата јавност. Сите постапки ќе бидат максимално транспарентни и исклучиво во интерес на граѓаните на главниот град – подвлече Ѓорѓиевски, одговарајќи на новинарски прашања по работната средба во Стопанската комора.

Почната е одредена постапка од страна на Градот, а тој како градоначалник на општина Кисела Вода не знае ниту еден детал во однос на тоа.

– Да го консултриате и колегата мој од Аеродром, Карпош или кој било друг од Скопје, верувам дека никој од нив нема никаква информација, а најмалку граѓаните за нешто што треба да биде Устав за Градот Скопје и за општините во следните 10, 15, 20 години – рече Ѓорѓиевски.

Во однос на дивоградбите, тој нагласи дека не можат да влезат ниту во детален урбанистички план, ниту во ГУП, а институциите мора да постапуваат еднакво и согласно законот во сите општини, Кисела Вода, Центар, Чаир, Бутел… Пред законот, според Ѓорѓиевски, не смее да има повластени.

– Познат сум во јавноста како човек кој нема толеранција кон дивоградби и во изминатите четири години покажав дека секаде има постапувања. Понекогаш постапувањето зависи од повисоките инстанци, како магацинот кој моментно е во фаза на жалба, а јас не можам да постапам додека не добиеме судска одлука. Многу е важно што институцијата постапила не само за таа дивоградба, туку и за сите останати, одговорно тврдам, со решенија за отстранување на тие објекти. Тука нема назад. Кога ќе издадете решение за отстранување див објект, не може во перспектива ниту да се легализира, ниту да добие одобрение за градба. Тоа е чекорот што треба сите да го преземат кога станува збор за дивоградбите – подвлече градоначалникот.

За состојбите во Чаир повтори дека државата има систем и институции кои треба да постапуваат секаде.

– За состојбите во Чаир многу пати сум кажал во изминатиот период, оваа држава има систем и институции кои треба да постапуваат секаде, не само во Кисела Вода, не само во Центар, туку и во Чаир, Бутел, во сите општини подеднакво. Пред законот не смее да има повластени и тука треба институциите треба да си ја завршат својата работа. Јас сум категоричен во тоа и тоа сум го кажал во повеќе наврати – подвлече Ѓорѓиевски.

Во Кисела Вода во најголем дел е постапено по решенијата за уривање, не е постапено само во делот каде што има судски процедури.

– Одговорно тврдам дека за сите дивоградби се издадени решенија за отстранување на тие објекти. Во однос на постапките водени изминатите четири години во Кисела Вода, сум покажал транспареннтост. Тоа се покажа со генералниот урбанистички план за Расадник каде поништивме 99 згради, 99 маркици за градба. Се спроведе меѓународен конкурс за идејно решение прв пат по земјотресот во крајно транспарентна постапка во која учествуваа сите општествени чинители. Така ќе се носи и ГУП на ниво на Град Скопје, во крајно транспарентна постапка – повтори градоначалникот.

 

Поврзани содржини