🎥 ИНФРАСТРУКТУРА ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ Водиме надворешна политика што носи резултати, порача Муцунски
Зборовите не се доволни, резултатите се тие што се бројат - работа, развој, подобар живот, вели министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, кој во видео објавено на неговите социјални мрежи зборува за конкретните придобивки од Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
Со Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство се отвораат нови можности за реални проекти кои директно ќе влијаат врз секојдневието на граѓаните: брза железница, нови болници, подобри патишта и технолошка инфраструктура, порача меѓудругото министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој во видео објавено на неговите социјални мрежи зборува за конкретните придобивки од Договорот.
„Зборовите не се доволни. Резултатите се тие што се бројат: работа, развој, подобар живот“, истакна Муцунски.
Тој нагласи дека не ветуваат, туку испорачуваат, посочувајќи дека крајната цел е младите да останат во земјата, да се отворат нови можности за инвеститорите, а граѓаните да добијат подобар квалитет на живот.
„Ова не е политика – ова е работа за иднината“, порача Муцунски.
Министерството за надворешни работи потсети дека во рамки на минатонеделната посета на Лондон, министерот Муцунски и неговиот британски колега, државниот секретар за надворешни работи, развој и Комонвелт, Дејвид Лами ја потпишаа Декларацијата за стратешко партнерство помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
„Овој документ има за цел да ги зајакне стратешките билатерални односи меѓу двете земји, вклучително и соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната – особено во рамките на НАТО, правдата и внатрешните работи, борбата против тешкиот и организираниот криминал, справувањето со корупцијата и незаконските финансиски текови, како и економскиот раст“, се додава во соопштението.