ИНФЛАЦИЈАТА ГО ПРАЗНИ ЏЕБОТ НА ГРАЃАНИТЕ Цената на енергенсите дополнително ќе ја намали куповната моќ

Од почетокот на годинава до ноември скоро за илјада денари се зголемени основните месечни трошоци, односно, ако во јануари на едно четиричлено семејство му биле потребни 32.791 денар, веќе во ноември за намирување на основните потреби му биле потребни 951 денар повеќе.

917

Растот на цените на храната, но и на другите производи како резултат на високите цени на енергијата сè повеќе ја подгреваат инфлацијата во земјава. Дека цените ќе растат и натаму потврди и Народната банка која вчера ја зголеми проекцијата за инфлацијата на 3,1 отсто за годинава. Првично беше планирана инфлација за годинава од 1,5 отсто, па во април таа се промени на 2,2 отсто и сега на 3,1 отсто.

Граѓаните и синдикатите се вознемирени дека сето ова ќе се истури на грбот на најнископлатените работници, а загриженост веќе се чувствува и кај бизнисмените.






Од Централната банка вчера убедуваа дека е тоа умерено ниво на инфлација и е резултат на неповолните ценовни движења и неизвесноста која е присутна во енергетскиот сектор, но и кај глобалниот раст на цените на храната. Засега не се предвидуваат посебни мерки.

– Тие имаат доминантна улога во потрошувачката кошничка, околу половина од неа отпаѓа на храна и енергија. Така што, будно следење е навистина неопходно периодов. Иако засега не се очекуваат поизразени шокови, се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки – рече вчера гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.

Народната банка очекува цените на храната и енергенсите да се стабилизираат на почетокот на наредната година, за кога се предвидува инфлација од 2,4 отсто.

Но, граѓаните се загрижени дали овој раст на цените на храната и очекуваната нова цена на струјата по Нова година ќе го исцеди нивниот буџет кој фактички е непроменет за една година.

– Секојдневно нови цени во продавница и на пазар. Еве маслото веќе надмина 100 денари. Нови цени има на шеќерот, кондиторските производи, лебот месото. За еден месец сè што е храна поскапе, а да не зборувам за една година. Слушам од Нова година ќе има и поскапа струја. А се грееме на струја. Што останува од платата која за работниците скоро и да не расте. Годинава немавме зголемување на платите поради пандемијата. Како ќе излеземе на крај не знам. Ќе има неплатени сметки, можеби и брзи кредити за да се излезе на крај – вели Елена И. од Скопје.

Државниот завод за статистика забележа раст на трошоците на живот за една година од 4,1 отсто, а на цените на мало за 6,1 отсто.

Храната е поскапена за 4,6 отсто, а транспортот за 18 отсто. На пример, маслата имаат повисока цена за 25 отсто, зеленчукот за 12 отсто, а гасот и горивата за над 30 отсто. Ако потрае кризата со енергенсите и се повисоките цени на храната на светските берзи, процентите ќе се зголемуваат до крајот на годината.

Просечната плата, пак, заклучно со август до кога има статистички податоци пораснала за 4 отсто, односно за 1100 денари, од 27.535 на 28.642 денари.

Состојбата со инфлацијата се следи и од бизнисмените иако, како што велат, моментално не е на загрижувачко ниво, но се одразува во работата на компаниите и зголемувањето на цените на нивните производи што ќе ја намали куповната моќ на граѓаните. Посебно загружувачки за нив се високите цени на енергенсите.

– Секоја инфлација којашто не ја надминува стапката од 5 отсто, не мора да биде загрижувачка, и платите на потрошувачката сила може да се справат со тоа. Но, нашите компании и нивните производи се погодени двојно од истиот ефект. Како прво, компаниите од нашата земја веќе еден значителен период увезуваат поскапи добра и услуги, а дополнително, поради покачувањето на цените на енергенсите, тие плаќаат и поскап транспорт за истите. Со покачувањето на цените на енергенсите и во нашата земја, се зголемуваат дополнително трошоците на компаниите, кои ќе треба да се покриват со цената на добрата и услугите, што дополнително ќе ја отежни куповната моќ на нашата земја – оценува извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Дел од бизнисите веќе најавија повисоки цени на производите во след иот период за 10 до 20 отсто. Цената на струјата и проблемите со нејзиното обезбедување на пример во мелничката индустрија ќе ја зголеми цената на брашното за нови до 20 отсто во декември бидејќи во овој период дел од мелниците ќе мора да купуваат поскапа струја.

– Ќе имаме поскапување на цената на струјата над 700 отсто што многу ќе влијае на процентот на зголемување на трошоците во производството, бидејќи мелницата работи на струја. Тоа значи дека цената на брашното за да се плати разликата на струјата треба да се зголеми за 4 денари. Тоа е околу 18 отсто зголемување на брашното од моменталната цена. Новата цена на брашното ќе важи од 1 декември 2021 година – изјави за Плусинфо неодамна Тодор Ѓорѓиевски извршен директор на „Кадино“.

Економските аналитичари велат дека во моментот нема потреба од паника за влијанието на инфлацијата врз натамошните поскапувањата на производите. Но, додаваат дека доколку цената на енергенсите и натаму расте треба да се реагира со соодветни мерки.

Синдикатите со став дека во вакви услови не смее да се дозволи работниците да останат на работ на егзистенција и бараат зголемување на платите и посебно на минималната плата.

Последните пресметки на Сојузот на синдикати покажуваат дека во ноември висината на потрошувачката кошница изнесува 33.742 денари што е за 3.874 денари повеќе во однос на две минимални плати.

Споредбените податоци покажуваат дека во однос на октомври ноемвриската синдикална кошничка е зголемена за 38 денари, а во однос на септември за 121 денар.

Од почетокот на годинава до ноември скоро за илјада денари се зголемени основните месечни трошоци, односно, ако во јануари на едно четиричлено семејство му биле потребни 32.791 денар, веќе во ноември за намирување на основните потреби му биле потребни 951 денар повеќе.

Вредноста на синдикалната минимална кошничка која ја пресметува ССМ за четиричлено смеејство без автомобил, најдиректно покажува дека минималната плата не е доволна ниту само за храна и пијалоци, знаејќи дека најголем број на работдавачи кои исплаќаат плата во висина на минималната плата, не исплаќаат додатоци и надоместоци на плата, туку истите ги пресметуваат во висина на минималната плата на работниците.

 

Поврзани содржини