Инфективна полна, вкупно 787 пациенти се борат со ковид во болниците
Вкупно 323 лица со ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град што е за 16 повеќе од вчера.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава е 787 и има околу 350 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти денеска Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 39 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 323 лица со ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град што е за 16 повеќе од вчера.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 22 приеми. Во ковид центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 11 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника три во текот на вчерашниот ден. Во Козле биле примени тројца пациенти. Во изминатите 24 часа дома се пуштени 19 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 28 пациенти, на Клиниката за неврологија 35, на Институтот за ТБЦ 54. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 83 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 96 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 22 пациенти. На ГАК има 5 хоспитализирани ковид позитивни пациентки.
Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.
Од Здравство велат дека бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот во Скопје имало 30 слободни места.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 464 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Во болницата во Битола се хоспитализирани 24 пациенти, во Штип 39, во Тетово 13, Велес 26, Куманово 77, Охрид 56, Прилеп 78, Гостивар 14, Струга 18, Струмица 32, Кочани 7, Кичево 6, Кавадарци 52, Гевгелија 9 и во Дебар 13 пациенти.