Индивидуална иницијатива за откочување на евроинтеграцијата
Во јавноста се покренаа и прашања за правната разврска по евентуалното поништување на Протоколот и тоа е легитимна и многу важна тема. Разврската би можела да оди преку повеќе чекори. Членот 53 од Виенската конвенција го овозможува поништувањето во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право (jus cogens), како во нашиов случај, кога произведува масивни штетни дејствија врз идентитетски прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
Откако Уставниот суд ја прифати мојата граѓанска иницијатива за преиспитување на уставноста и законитоста на Протоколот од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година, следам лавина „интересни“ реакции во медиумите и социјалните мрежи во Македонија и Бугарија.
Некои се неточни или збунувачки, па ценам дека е потребно да ги искоментирам и појаснам, за да не се нанесе штета на процесот во судот, на македонските европски аспирации, како и на мојот личен интегритет.
Првата неточна теза што излезе од некои медиуми во соседството, е дека иницијативата е во договор со високи политички кругови кај нас. Одлучно ја отфрлам оваа тенденциозна шпекулација, зашто иницијативата е мој личен и индивидуален чин како граѓанин, чуствувајќи обврска да и помогнам на својата земја, според можностите. Ќе потсетам на хронологијата на моите реакции и акции на оваа тема.
Со оценки за штетноста на ваков протокол на Договорот за пријателство со Бугарија излегов уште по најавата, во јуни 2022, на мојот Фејсбук профил. Следеше моја колумна во Плусинфо веднаш по потпишувањето, во август 2022, со оценка дека „протоколот е правно ништовен и не може да произведува штетни дејствија“, со оглед на тоа што не е ратификуван во Собранието. По три години, во јуни 2025, објавив втора колумна во истиот медиум, со детална анализа на проблематичните аспекти на Протоколот, кој го гледам како кочница на нашиот евроинтегративен пат.
Притоа, најавив дека ќе поднесам иницијатива до Уставен суд за негово преиспитување. По едномесечна работа на иницијативата, во јули 2025, ја поднесов и истиот ден, во трета тематска колумна, ги објаснив правните прекршувања на овој, според мене, неформален, а формализиран акт.
Втората неточна теза, од истите извори од соседството, е дека целта на уставната иницијатива е да се прекине процесот на македонска евроинтеграција. Апсолутно НЕ, НАПРОТИВ! Целта е ДА СЕ ОТКОЧИ нашата евроинтеграција, тоа е стратешка цел на Македонија, за која се дадени толку големи и од денешна перспектива, дискутабилни жртви. Ни треба успешна завршница, заради стабилноста на регионот и просперитетот на Македонија и нејзините граѓани.
Но, на Протоколот се реферира во повеќе документи од евроинтегративниот пакет, низ кој земјава објективно нема да може да помине. Протоколот содржи такви небулозни и непринципиелни барања, кои е НЕВОЗМОЖНО да ги исполниме, зашто би значело СЕБЕУКИНУВАЊЕ како народ и држава со свој идентитет, континуитет и историја.
Третата неточна теза е дека со иницијативата се сака да се поништи Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија. Повторно, апсолутно НЕ! Договорот си останува и по евентуалното поништување на Протоколот, со што би се отворила можност за транспарентен и правно издржан процес за нов, ПРАВНО ВАЛИДЕН ПРОТОКОЛ, кој ќе води сметка за достоинството и интересите на двете страни. Само таков може да се ратификува во Собранието и да произведе правни дејствија во насока на пријателство и добрососедство.
Можноста за поништување на цел меѓународен договор или дел од него е во склад со меѓународното право и со Виенската конвенција за договорното право (1969).
Во јавноста се покренаа и прашања за правната разврска по евентуалното поништување на Протоколот и тоа е легитимна и многу важна тема. Разврската би можела да оди преку повеќе чекори. Членот 53 од Виенската конвенција го овозможува поништувањето во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право (jus cogens), како во нашиов случај, кога произведува масивни штетни дејствија врз идентитетски прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
Да потсетиме, Протоколот ѝ наметнува на Македонија обврски, чие евентуално исполнување, би предизвикало меѓународно правно поништување на македонскиот народ и македонскиот јазик, како и комплетно бришење на нивниот историски континуитет, тргнувајќи од бугарското негирање на сите овие идентитетски одредници.
Имено, наметнува еден вид „средновековно духовно владение“ над Македонија, со долг список детални „ингениозни“ мерки за превоспитување и замислена бугаризација на Македонците.
На пример, Протоколот предвидува целосна промена на историските наративи, изнудено изнаоѓање „заеднички“ личности и настани за славење, внесување на „новата историја“ во „наставните програми, учебници и релевантни наставни материјали, натписи на споменици, плакети, информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост“.
Се бара строго контролирање на сите содржини во медиумите, јавните настапи, дури и приватните изјави на социјални медиуми, како и на „државното финансирање за нови книги, документарни и списанија, филмови и други уметнички дела, културни споменици и прослави“. Обврзува на бугарско одобрување историски и други учебници и лекции во нив, како и на СИТЕ објавени материјали, содржини, натписи и друго поврзано со образование, култура и со уметност.
Друга опција за разврска е повикување на „невозможноста за исполнување на договор“ од членот 61 на Виенската конвенција, поради тоа што претставува непремостлива пречка за нормалното функционирање и стратешкото меѓународно позиционирање на македонската држава. Постапката за прогласување на договор за ништовен и раскинување на договор е објаснета во членот 67, додека постапка за корегирање на договор поради грешки во текстот, е објаснета во членот 79.
Се разбира, политиката може да изнајде и други „креативни“ решенија, но важно е да се утврди правната невалидност на Протоколот и оттука да се тргне во барање решение за надминување и да и се овозможи на Македонија конечно да го започне и заврши својот историски поход на европските институции и стандарди. Тоа останува сè уште еден од главните интереси на овие генерации македонски граѓани.
Во мноштвото реакции на мојата иницијатива за Протоколот, ме изненади реакцијата од мојата поранешна партија, во која, сосем непотребно, објаснуваат дека јас не сум веќе таму, што е добро познат факт. Имено, јас се повлеков од сите партиски органи и од политиката, по завршени три мандати како претседателка, откако го затворив целиот циклус: од основање партија, самостоен влез во Парламентот, развој како прва зелена парламентарна партија и влез во Европските Зелени како полноправен член.
Тој циклус од мојот живот е затворен и јас сум бескрајно благодарна на сите колеги и соборци, со кои искрено го одевме тој пат. На сегашните членови на партијата им посакувам ентузијазам и успех, во интерес на зелената опција. Таа опција останува мој интерес и природна определба, па како пензионер го користам своето знаење и искуство да придонесам за подобра животна средина.
Се вратив во граѓанскиот активизам, на кој гледам со висока почит отсекогаш, а во услови на доминација на големите партии, и како на голема шанса за демократизација на Македонија и изградба на солидна правна држава. Тоа ми беше и мотивот за поведување граѓанска иницијатива за два члена на Изборниот законик, поради непринципиелно високите прагови за независните листи.
Заедно со неколку активисти, ја добивме на Уставен суд, но сведочиме на нови голготи за независните, со неизвесна разврска. Формално, јас НЕ СУМ дел од НИЕДНА граѓанска иницијатива, ниту имам намера да бидам. Па во таа смисла, ги замолувам моите поранешни партиски колеги да не ме „сместуваат“ во ниедна групација, зашто јас НЕМАМ „друг политички дом“, како што напишале.
Верувам дека е ненамерна грешка и уште еднаш посакувам успех за СИТЕ еколошки борци, било да се дел од партии или независни групи, зашто ни требаат на сите нас како граѓани.
Авторката е дипл.инж.технолог, м-р по технички науки и д-р по политички науки (Улогата на граѓанското општество за поголема социјална кохезија и интеркултурен дијалог).