Инаугурација на нова надворешна политика
Ова е епохата на трансакциска политика и без оглед колку Македонија е мала и безначајна, голема и значајна работа е да се имаат блиски врски со луѓе и функционери од Трамповата администрација. Бидејќи, какви што беа досега односите на сила ние секогаш губевме во асиметричниот однос кон Брисел и членките на ЕУ кои решиле да нѐ прегазат или потчинат според сопствената националистичка волја.
Посетата на премиерот Мицкоски на инаугурацијата на Трамп и средбите со високи политички претставници од САД развија една паланечка, смешна и неполезна полемика на која верувам дека Катерина Блажевска одоговори и повеќе од јасно. На оваа полемика се придодаде и текстот на Соња Крамарска која излезе со доста силна критика базирана на ставот дека власта се коцка во надворешната политика, се замозалажува дека постигнала некакво историско достигнување и генерално дека се обложува на само една карта, односно, на Вашингтон, како замена за европските неуспеси.
Оние кои ги читаат овие редови одлично знаат дека лично не сум голем поддржувач на Доналд Трамп, Маск и на новата американска администрација. Но, за една мала земја како Македонија и за една релативно нова Влада, која има право да води нова и поинаква надворешна политика на релации и врски, да се критикува и нарекува неуспех фактот дека била поканета на инаугурацијата и дека остварила средби со највисоките карики од актуелната американска администрација, ако не е заслепеност, тогаш во најмала рака ми делува како тотално залажување пред реалноста, пишува Ивор Мицковски во колумна за Дојче веле.
Не постои непристрасен човек, односно и пристрасен, кој пред значајноста на посетата и успешноста на средбите, нема да признае дека овој пат е направен огромен пробив и успех за македонската влада, политика и македонските интереси. Ова не се само субјективни оценки, туку и опсервации базирани на консултации со луѓе кои надворешната политика ја разбираат и кои биле сведоци на оствареното од посетата.
Ќе ја цитирам Блажевска: кај нас сѐуште владее надживеаната менталитетска матрица – по дефиниција да се критикува сѐ и сешто. Заминал премиерот на инаугурација на Трамп во Вашингтон? Критикувај! Критикувај најсилно што можеш. А зошто да не оди? Ни самиот критичар не знае да објасни.
Брисел и(ли) Вашингтон
Дополнително, не го разбирам произволното и изнасилено диктирање на или-или опцијата. Зошто би требало да бираме помеѓу Брисел и Вашингтон, кога се разбира дека мораме да работиме со двете страни, но уште повеќе, зошто да е погрешно, особено кога за тоа постојат услови, во еден момент да ставиме нагласок на односите со Америка. Затоа што и тоталните лаици знаат дека Брисел премногу не нѐ запишува, туку напротив, инсистира на наше национално обезличување и на билатерализација на нашите пристапни преговори.
Во време кога големи земји од ЕУ го бираат Вашингтон, за сметка на Брисел, тогаш каква е таа дилема околу тоа каде треба да бараме поголема поддршка, особено што од Брисел и од членки на ЕУ постојано добиваме сопки во нашиот евроинтеграциски напредок.
Во услови на заглибена германско-француска локомотива, во време на подемот на десничарските и националистички влади, во услови кога Бугарија нѐ уценува и гази, а нашата претходна влада тоа им го олесни и овозможи, мислам дека лесно е да се идентификува каде можеме да бараме поголема помош и разбирање.
Трансакциска политика
Се разбира, големите очекувања од САД би биле бесмислени гледано од досегашната парадигма на американската надворешна политика, но не знам дали многу коментатори не признаваат или не препознаваат дека таа ера заврши. Тоа не значи дека поблиските и персонални односи со една администрација се некаква апсолутна гаранција, но секако се можност за една поинаква и покомплексна игра, во која барем вреди да се обидеме.
Ова е епохата на трансакциска политика и без оглед колку Македонија е мала и безначајна, голема и значајна работа е да се имаат блиски врски со луѓе и функционери од Трамповата администрација. Бидејќи, какви што беа досега односите на сила ние секогаш губевме во асиметричниот однос кон Брисел и членките на ЕУ кои решиле да нѐ прегазат или потчинат според сопствената националистичка волја.
Да се потсетиме, после промената на методот на пристапни преговори од Макрон, се соочивме со билатерализацијата на преговорите од ревизионистичката и насилна политика на Софија, нешто што Брисел го прифати и благодарение на кусогледоста на СДСМ-ДУИ, ни го спакува како услов за напредок. Услов без какви било гаранции, дека еднаш исполнет, нема да следуваат сосема нови кочничарски услови.
Таа политика пред сѐ преку Европската Комисија гледаме дека и понатаму продолжува. Што значи дека се нема слух за сите наши одрекнувања и жртви низ годините и се фаворизира трансакциското насилство на Бугарија врз Македонија.
Кој е тогаш единствениот елемент кој може во овие услови на европска слабост и потреба од промени во нивната политика на проширување, да ни појде од корист? Сигурно не е на одмет да се имаат подлабоки и подобри врски со актуелната американска администрација.
Односно, колку и да е пропорцијата на нашата проблематика мала и безначајна во однос на некои поголеми процеси, но кога веќе членки на ЕУ бираат кон соседи и аспиранти за ЕУ да играат трансакциски и насилно, тогаш веројатно единствено нешто што ни преостанува на располагање е и ние да играме трансакциски и билатерално. Впрочем, доволно беше да се видат бугарските реакции на посетата на македонската влада, за да се разбере дека потегот е исправен.
Алтернативни опции
Кој мисли дека нешто ќе добиеме само слугувајќи на неразумните и неевропски барања на ЕУ, тогаш длабоко ја погрешил проценката. Кој воедно мисли дека дури и со внесувањето на Бугарите во Уставот, ние ќе го фатиме експресниот воз до 2030-та за ЕУ, подеднакво живее во свет на илузии. Емпириски е докажано дека следејќи ги таквите наративи и прагми, секогаш излегуваме како поразени, од проста причина што тие што нѐ малтретираат се внатре, а нас нѐ држат надвор.
Оттука, со Европа пред егзистенцијални предизвици, но која нема намера брзо да нѐ внесе, не е лошо да се имаат алтернативни опции. Тоа не значи дека нашите напори кон ЕУ запираат, но тие мора да се вратат и да се базираат на Копенхашките критериуми, да се ослободат од националистички и вето политики, а предуслов за тој процес да се врати на реални и реформски патеки, е да ни се обезбеди излез од кашата во која претходната власт нѐ внесе со прифаќање на бугарските барања, кои потоа само добија европска рамка. Во суштина, не е прашањето дали бираме помеѓу Брисел или Вашингтон, туку зошто и како Брисел нѐ турна кон Вашингтон.
Сведоци сме дека на терен е поставена една сосема нова игра, и да, не знаеме каде точно ќе нѐ однесе. Сепак, доволно видовме и од застарените шеми. Факт е дека денеска преовладуваат билатералните и привилигираните врски помеѓу Вашингтон, и една или друга европска земја. Нашата влада, уште пред американските избори се обложи на Трамп и покажа дека одбира да се заложи за директен однос со американската администрација, нешто што гледаме дека засега и е возвратено.
Тука лежи и една порака за македонската и албанската опозиција и блиските до нив поддржувачи или навивачи. Христијан Мицкоски се качи на возот на Трамп-Маск, демонстрирајќи визија за некои поинакви американско-македонски односи и за поинакви решенија за гордиевиот јазол на нашите евроинтеграции. Останатите политички фактори во Македонија, лажните европските фронтови и лажните прогресивни сили, делуваат замрзнати во времето и нудат веќе истрошени и стари формули. Конечно, тие нѐ сместија во актуелната каша и тие завршуваат и допрва ќе завршуваат на американските црни листи.
Граѓаните тие политики ги казнија и според последните анкети продолжуваат и понатаму да ги казнуваат. Тоа би требало да е доволен аргумент дека досегашните логики и политики биле погрешни и дека денес треба и вреди да се обидеме со поинакви пристапи.