Имитација на борба против корупцијата

Дознавме за неконтролираното издавање на пасоши од страна на МВР, за скандалите во дипломатијата на МНР, за неправилностите во користењето на средствата од ИПА фондовите на Министерството за земјоделство... Со еден збор, нема министерство без знаци на видлива корупција, како и да ја толкуваме корупцијата.

1,640

Денес кога целиот цивилизиран свет го одбележува Меѓународниот ден за борба против корупцијата, само по себе се наметнува прашањето дали ние во Македонија имаме вистинска борба против корупцијата или ја имаме само на хартија убаво спакувана во неколку позитивни прописи посветени на оваа проблематика.

Ако ја анализираме корупцијата во нејзината најширока смисла и значење, не само како очигледно посегање по општественото богатство од страна на поедници или групи кои ја користат својата позиција на моќ што им ја дава власта, туку и како појава на ескивирање, пасивност или непреземање на должните обврски заради чие исполнување постојат сите три облици на власта, тогаш слободно можеме да констатираме дека имаме насекаде корупција, а за жал, немаме ниту стихијна борба против неа, во ниеден сегмент од општественото битисување.






Најмалку можеме да се пофалиме дека имаме организирана и систематска борба против корупцијата, од која обичниот граѓанин би стекнал впечаток дека државниот апарат знае што прави и дека се справува со ризиците од корупција кои не се од вчера, туку датираат многу од поодамна.

За нив се зборува во сите стратешки документи на Државната комисија за спречување на корупцијата, изработени се многу студии и експертизи кои содржат податоци за ингеренците на поедини министерства и насоки за намалување на ризиците од коруптивно однесување.

Во јадрото на сите проблеми и девијации е сместена една многу впечатлива појава на која малку кој се задржува иако треба да биде идеја водилка во борбата со корупцијата – а тоа се дискреционите овластувања на носителите на јавни функции кои се најчестиот извор на несакани и штетни последици по јавниот интерес.

Не е ништо лошо да се има дискрециони овластувања, тие се „неминовно зло“ и сами по себе не претставуваат никаква опасност. Тие се дури и корисни доколку се стават во правилно пропишана рамка со строги правила на игра.

Ние како државна управа теоретски можеме да се пофалиме дека имаме такви рамки кои се содржани во Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функци именувани од страна на Владата, прифатена е и Методологијата за спроведување на анализа на дискреционите овластувања на носителите на јавни функции, од јули 2017 година. Тие треба да се применуваат во секој конкретен случај во кој некој функционер не си ги извршува, нецелосно или погрешно си ги извршува своите со закон пропишани надлежности.

Меѓутоа, што ни вредат и Кодексот и Методологијата кога во пракса каде и да се завртите, ќе наидете на негативни појави што Европскиот легислативен и управен простор не можат ниту да ги замислат, а камоли да ги толерираат?! Доколку се стремиме со сите сили да му се доближиме на тој простор и да станеме дел од него, сериозно треба да почнеме да ги чистиме сите институции од пипците на корупцијата кои премногу долго сме оставиле да се одомаќинат, да се шират и да останат негибнати.

За да кажеме дека кај нас постои борба со корупцијата треба да го направиме очигледно постоењето на принципите на чесност, совесност, морална одговорност и посветеност на луѓето кои менаџираат со најважните државни ресори.

Каков впечаток остава менаџирањето со ресорот Транспорт и врски, ако има во своите фиоки предмети за утврдување на статус на бесправно изградени објекти, примени уште во далечната 2011 година – меѓу нив и објекти од највисок резиденцијално-репрезентативен карактер: објекти во кои живеат и работат претседателот на државата и претседателот на Владата, при што воопшто не им е грижа што изминале десет години, а тие го немаат донесено Решението што се очекува од нив.

Кого ќе обвиниме за ваквата грда слика? За десет години се смениле четири министри кои „раководеле“ со овој многу важен ресор. Како се вика ваквото непрофесионално однесување – корупција? Или да го наречеме пречекорување на дискреционите овластувања, можеби неспособност за менаџирање, незнаење или незаинтересираност? Како и да го наречеме, крајниот ефект е поразителен, вилите на Водно и во Охрид остануваат и понатаму нелегализирани, заедно со уште стотици слични предмети за кои граѓаните веќе изгубиле надеж дека ќе им бидат во догледно време решени.

Како ќе го убедиме граѓанинот кој води децениска управна или судска постапка дека се бориме против корупцијата? За хаосот во секторот транспорт и немањето контрола над лиценцираниот превоз на стоки и патници, во оваа прилика излишно е да се зборува.

Ресорот Транспорт и врски не е осамен во пасивноста и незаинтересираноста. Тука неизбежно мора да се спомне и менаџирањето со ресорот Труд и социјална политика кој не постои само за пружање социјална помош и водење на социјална политика, туку и за детска заштита.

Знаат ли менаџерите кои „раководат“ со овој исто така многу важен за државата ресор дека ни пропаѓаат десетина прекрасни детски одморалишта низ најубавите предели од Македонија, покрај езеро, на планина, во питоми ливадски краеви кои душа дават за одмор и рекреација на најмладите, ама за жал повеќе од десетина години никој не стапнал во нив, уште помалку некој се погрижил да ги обезбеди од натамошно пропаѓање.

Има ли тука корупција? Како се бориме против неа? Има ли резултати од таа борба, граѓаните не ги гледаат. Борбата се сведува на индивидуални и срамежливи обиди да се сврти вниманието на функционерите, да се подигне нивната свест за грижа за државното исто како за своето – приватното. Понекоја граѓанска организација ќе подготви некој документ, ќе излезе јавно на некоја од националните телевизии, ќе апелира, ќе пишува и на крај од сето тоа никаков ефект. Вратите на одморалиштата остануваат затворени за децата, а отворени за сите крадци, бездомници и случајни посетители.

Постои ли корупција од незнаење? Како да ја протолкуваме појавата која се однесува на ресорот Економија? Имено, државата има атрактивни апартмани стекнати по основ на стечај уште во деведесеттите години, во времето кога пропаѓале големи стопански субјекти и поради неисплатени долгови спрема државата, тие преминувале во сопственост на Република Македонија.

Се знае ли кој ги користи апартманите сите овие години, кој стопанисува со нив, каква имотна корист остварила државата од десетици такви објекти? Според мене, корупција е и секоја појава на несторување, исто толку опасна како и сторувањето, без оглед на тоа дали е остварена противправна имотна корист или не. Државата губи и осиромашува од тоа што не знаеме што имаме дома, а уште помалку надвор од нашите граници. Граѓаните можеби и не се должни да знаат колкав имот имаме, ама Акционерското друштво кое стопанисува со станбен и деловен простор од значење за Републиката и тоа како треба да знае, зашто впрочем основано е токму за таа намена, троши пари на граѓаните за да води сметка за имотот од значење за државата.

Ќе погрешиме ли ако констатираме дека во оваа АД е очигледна корупцијата: Со кое име би го нарекле фактот дека 435 објекти не се дел од евиденцијата што ја води оваа специјализирано друштво во државна сопственост? До таа констатација дошол Државниот завод за ревизија кој сето тоа го обелодени во официјален извештај. Значи, откриен е класичен пропуст во работење, укажано е од страна на надлежен орган за ревизија и тука застанува целата приказна, наместо токму тука да започне „борбата“, и некој да „плати“ за овој пропуст, ама одговорноста денеска има многу ниска цена.

Штом материјалното ќе надвладее над етичкото и моралното, не можеме да очекуваме напредок ослободен од корупцијата.

Не секогаш јавноста може да открие постоење на корупција, меѓутоа однатре кога сте дел од самата институција коруптивните дејанија се забележуваат најубаво. Така однатре дознавме за неконтролираното издавање на пасоши од страна на Министерството за внатрешни работи, за скандалите во дипломатијата на Министерството за надворешни работи, за неправилностите во користењето на средствата од ИПА фондовите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за очајната состојба во која се наоѓаат јавните установи под ингеренција на Министерството за култура. Со еден збор, нема министерство без знаци на видлива корупција, како и да ја толкуваме корупцијата.

И не е доволно да се пофалиме дека сме и обезбедиле достојни деловни простории на Анткорупциската комисија, треба да ја направиме таа да не зависи од никого, да не полага сметка пред тие што треба да ги контролира и санкционира.

Затоа државните службеници од најнизок до највисок ранг се најповикани да ги детектираат сите аномалии во однесувањето, да укажуваат на незаконско работење и да соберат храброст да се обратат до надлежните органи кои постојат за борба против корупцијата наспроти обидите за спречување на истата.

На светскиот ден на јавните службеници, на 23 јуни 2019 година нашиот премиер на својата администрација ѝ се обрати со мотивирачки зборови: „Да се биде храбар е морална одговорност. Никој не смее да ви забележи на храброста да зборувате во име на безгласните и да го кренете гласот кон оние во вашите редови што сметаат дека тоа не е ваша обврска. Моралната вертикала и храброст нема да ги најдете во описот на вашето работно место или во огласот за работа на јавните службеници. Таа храброст треба да ја поседувате или да ја предизвикате кога ќе прифатите да бидете вработени во јавната администрација“.

Според тоа, целата борба против корупцијата, против судирот на интереси и против сите девијантни привезоци од типот на непотизам, кронизам, пречекорување и злоупотреба на дискреционите овластувања, започнува и завршува во јавната администрација. Кога таа ќе биде силна, независна и доволно свесна за својата позиција и моќ, ќе може без никакви последици по себе да биде коректорот на сите незаконски дејствија од каде и да потекнуваат. Дотогаш со слаба, нестручна и партиски зависна администрација, ќе живееме со имитација на борбата против корупцијата, а имитацијата никогаш не може да биде иста со оригиналот.

Поврзани содржини