ИМЕТО НА ВАНЧО МИХАЈЛОВ Е НАВРЕДА ЗА ЕВРЕИТЕ Глорификацијата на фашизмот и на нацизмот да се забрани со закон
Итно и неодложно во Собранието да се донесат измените на кривичниот закон, иницирани од Еврејската заедница во 2017 година, со кои ширењето на антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот, глорификација на фашизмот и нацизмот, како и употреба на нивните симболи и поздрави да бидат казниви со закон.
Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од името на новиот културен дом во Битола, кој носи име на потврден фашист и близок соработник со нацистите, се вели во соопштението испратено до јавноста.
„На 16.04.2022 година, Шабат и прв ден Песах, ден кога Евреите од целиот свет го слават празникот за ослободување од египетско ропство, највисоките бугарски претставници на власта – премиерот Кирил Петков, потпретседателот на државата Илијана Јотова, министерот за надворешни работи Теодора Генчовска, поранешниот министер за надворешни работи Захариева, и други, официјално го отворија бугарскиот културен центар “Ванчо Михајлов“ по името на докажан фашист, соработник на Павелиќ, Мусолини и Адолф Хитлер. Овој чин претставува навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа. Чин со којшто се загрозува мултикултурализмот. Класичен пример за непочитување и искривување на историјата“, се вели во соопштението испратено од Еврејската заедница на Република Македонија и Фондот на холокаустот.
Во текстот испратен од јавноста се става акцент и врз еклатантниот обид во таканаречената „заедничка историја“ на која инсистира Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор кој во центарот за убивање Треблинка депортира 7.144 македонски Евреи или 98% од еврејската популација во тоа време.
„Обид да се минимизира улогата на Р. Бугарија во холокаустот и окупацијата на Македонија. Искривување на фактите од европската и светска историја за Втората светска војна. Чин којшто не е во духот на добрососедските односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија – се додава во соопштението.
Наследниците на преживеаните од холокаустот, порачуваат дека нема да ги премолчуват ваквите појави и бараат итно и неодложно во Собранието да се донесат измените на кривичниот закон, иницирани од Еврејската заедница во 2017 година, со кои ширењето на антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот, глорификација на фашизмот и нацизмот, како и употреба на нивните симболи и поздрави да бидат казниви со закон. Тие бараат и да се поведе постапка околу правната издржаност културни и други центри, граѓански здруженија да носат имиња по потврдени фашисти и докажани соработници на нацистите, како и Владата на Р. Бугарија да се извини за злосторствата и холокаустот направени од нивните претходници за време на Втората светска војна. Евреите од Македонија испраќаат порака и од Европската Унија и Европскиот парламент, за осуда на ваквото поведение на Р. Бугарија.
„Ние, Евреите од Република Северна Македонија, како и бројни македонски граѓани, имаме многу пријатели од Р. Бугарија, со којашто сакаме како соседи да живееме во мир и благосостојба. Фашистичкото минато на Бугарија под водство на цар Борис III и останатите докажани нацисти од врвот на власта на царска Бугарија во Втората светска војна не смеат да претставуваат пречка во градењето добрососедски односи втемелени на взаемна почит, пријателство и доверба. Денешницата не смее да биде жртва на историјата, како што и иднината не смее да биде жртва на вистината“, се вели во соопштението.