ИМАШЕ МАНИПУЛАЦИЈА СО БРОЈКИТЕ НА ПОЧИНАТИТЕ Мехмедовиќ вели дека за тоа допрва ќе се разговара
Доктор Мехмедовиќ вели дека во моментов притисокот врз болниците е голем и сериозен, но засега ситуацијата се држи под контрола.
Да, точно е дека имаше манипулација со бројките, но за ова ќе се разговара на Комисијата за заразни болести. Факт е дека нашата земја е на шесто или седмо место во светот по број на починати, рече во гостување на Утрински брифинг д-р Злате Мехедовиќ, кој од вчера е портпарол на Комисијата за заразни болести. Тој вели дека неговата позиција, исто како и членувањето на другите експерти, е неплатена и дека е потребна за информирање на популацијата која е склона да се приклонува кон непроверени информации и теории на заговор.
– Тие дезинформации на социјалните мрежи направија сериозна штета и резултатот од тоа го гледаме денес – вели Мехмедовиќ.
Тој се залага за вакцинација, па дури и за некои професии за задолжителна вакцинација.Кај нас не е познат бројот на невакцинирани здравствени работници.
– Треба да го знаете имунитетот на популацијата за да носите мерки. Во Австрија, на пример, се брза да се постигне колективен имунитет, а таму е задолжителна вакцинацијата за сите. Во текот на овие две години вирусот се измени, а вакцината е создадена врз основа на првиот сој. Ако сега не постигнеме колективен имунитет, ќе го стиснеме копчето за ресет и ќе се вратиме во јануари 2020 година – вели Мехмедовиќ.
Вчера од ковид-19 имаше 22 починати и дополнително 12 починати од „Мој термин“. Зошто починатите се бројот на две места?
– Се работи за регистер на починати на Министерството за здравство, кој не се води во реално време, туку се води по пријави од матичните лекари. Станува збор за бавна администрација и ништо повеќе од тоа. Сѐ може да се сокрие, но не може да се сокрие кога некој ќе почине – вели д-р Мехмедовиќ.
Тој вели дека во моментов притисокот врз болниците е голем и сериозен, но засега ситуацијата се држи под контрола.
– Засега треба да се користат постојните болнички капацитети, а се надевам дека нема да дојдеме во ситуација да мораме да ги искористиме сите капацитети, вклучително и модуларните болници кои мора да бидат безбедни и да имаат доволен број персонал во ситуација кога имаме голем број заразени медицински работници – вели Мехмедовиќ.