ИМАМE ТРЕТ НАЈВИСОК РАСТ НА БДП ВО ЕВРОПА И НАЈВИСОК ВО РЕГИОНОТ Димитриеска Кочоска го оцени за историски растот од 3,8% во третиот квартал од годинава
Министерката за финансии е посебно задоволна од растот на бруто инвестициите во овој квартал кој е историски највисок од почетокот на мерењето во земјава.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги оцени податоците за стапката на растот на економијата од 3,8% во третото тримесечје за историски и трет највисок раст во Европа и највисок во регионот.
Димитриеска-Кочоска рече дека ваквите резултати покажуваат дека дополнително е забрзана економската активност во земјата
-Ова претставува дополнително забрзување на економската активност, по растот од 2,9% во првиот и 3,5% во вториот квартал годинава. Притоа, растот од 3,8% е еден од највисоките во последните неколку години. Во споредба со земјите од регионот и од ЕУ, согласно податоците за третиот квартал за 2025 година, Македонија е на трето место по раст на БДП, при што повисок раст е забележан во Ирска и Данска. Доколку споредуваме со земјите од регионот, за третиот квартал од 2025 година, растот во Србија изнесува 2,0%, во Црна Гора 3,1%, во Хрватска 2,3%, во Бугарија 3,1%, во Романија 1,2%. Кумулативно, растот во првите три квартали годинава изнесува 3,4% – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа рече дека главен двигател на растот во третото тримесечје се бруто инвестициите, кои се зголемени за 30,6%, како резултат на силниот раст на инвестициите во основни средства.
– Со ова, од аспект на инвестиции, ова тримесечје е едно од најуспешните од кога се мери економската активност на земјата. Податоците за растот на инвестициите се најдобар показател за високата доверба на инвеститорите во домашната економија. Високиот раст на инвестициите во овој период доаѓа како комбинација на неколку позитивни трендови во економијата. Притоа, се истакнува придонесот на инвестициската активност на домашните претпријатија, имајќи јапредвид високата искористеност и заинтересираност за поволната кредитна линија обезбедена од Владата – рече Димитриеска-Кочоска
Според неа, важен придонес кон растот на инвестициите имаше и силната посветеност на Владата на капиталните инвестиции и оптимизацијата на нивните трошоци, динамика, и услови за градба.
– Оптимизацијата на капиталните инвестиции значеше и интензивирана реализација на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, како што се коридор 8 и 10. Дополнително, значаен двигател на бруто-инвестициите беше и поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции со цел порамномерен регионален развој и унапредување на животот на граѓаните – рече таа.
Димитриеска-Кочоска наведе и дека придонес кон растот има и финалната потрошувачка со раст од 1,8%.
-Растот во градежништвото е 21%, услугите бележат раст од 2,9%, информациите и комуникациите од 7,4%, стручните, научните, и техничките дејности од 6,1%; како и трговијата и транспортот од 2,6%. Индустријата, како што кажа министерката, се зголеми за 1,3%, при раст на преработувачката индустрија од 2,5%. Забележителен е и растот на земјоделството од 4,0%- рече Димитриеска-Кочоска.