ИМАМЕ МЛЕЧНА КРИЗА И БЕЗ ОНАА ВО СВЕТОТ Млекото станува луксуз, државата ги избрка и кравите
Сточарите велат дека веќе не можат да преживеат со парите кои ги заработуваат од продажбата на млекото. Откупната цена зависно од масленоста се движи од 16 до 35 денари, добиточната храна е поскапена, а нема ниту млади кои би работеле во фармите.
Млечна криза има во земјава и без да има проблеми во светот со овој производ, бидејќи примарното производство замира, а државата не презема ништо со години, велат млекопроизводителите по изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека е можно во наредниот период поради кризата со снабдувањето со млеко во светот да имаме млечна криза и кај нас.
Сточарите велат дека веќе не можат да преживеат со парите кои ги заработуваат од продажбата на млекото. Откупната цена зависно од масленоста се движи од 16 до 35 денари, добиточната храна е поскапена, а нема ниту млади кои би работеле во фармите.
– Не знам што се очекува, ако во Пелагонија е намален бројот на крави за 60%, а производството на млеко е намалено за 70 отсто. Да го земам на пример моето село Могила, од 300 семејства кои одгледуваа стока, се сведовме на 4 семејства кои имаат повеќе крави и 6 до 7 семеjства со по 2, 3 или 7 крави. Има села каде што воопшто нема крави. Добиточната храна е скапа, а откупната цена на млекото ниска и покрај тоа што млекарниците велат дека плаќаат многу за млекото. Дел од сточарите веќе ги продадоа кравите за да преживеат. Дури и оние крави кои им беа дадени од млекарницата во Битола ги продадоа бидејќи според договорите кои ги потпишале речиси и да не добиваат цена на млекото што го продаваат, а не можат ни да им плаќаат на осигурителните компании што исто така им е обврска од договорот – вели Гоце Кантаровски, млекопроизводител од Могила.
Според него, состојбата ќе се влошува поради притисокот што го прават трговците со маржите.
– Млекото се откупува по 16 до 35 денари, а на полиците во маркетите достигнува 3 пати повисока цена. Трговците ги притискаат производителите, а тие нѐ притискаат нас со пониски откупни цени. Речиси секој месец добиваме писма во кои ни се вели „поради состојбата откупната цена се намалува за толку и толку проценти“, а што да речеме ние, од што ќе живееме? Дополнително, државата не се интересира за нас и целиот притисок завршува на сточарите. Досега ништо не се презеде за да се промени состојбата, а не верувам дека и отсега ќе се смени нешто. Затоа младите веќе ги нема по селата и станавме земја на старци, а наскоро ќе нема ниту добиток – додава тој.
Проблем, според него, е и тоа што добиточната храна е скапа а селата немаат земјиште да произведуваат сопствена храна.
– Државата не се осмели или воопшто не се интересира да распредели државно земјиште или необработено од комбинатите на млекопроизводителите за да можат да произведуваат сопствена храна за стоката, а бара од нас да произведуваме млеко. Со што ќе ја храниме стоката. Купената храна многу поскапе последните години. Нашите приходи се ниски, а сметките кои ги добиваме за сѐ друго се високи – вели Кантаровски.
Млекарниците и овој пат не ги коментираат неповолните состојби во млечната индустрија. Никој не ги слуша нивните обиди да појаснат дека увозното млеко, чии количини од година во година растат, ќе ја затворат полека домашната индустрија и ќе го намалат бројот на млекопроизводители во земјава.
– Соочени сме со тивко намалување на домашното производство на млеко. Последните две години падот е драматичен, бидејќи младите немаат интерес да се занимаваат со млекопроизводство. Добиточната храна е поскапа, а и сите трошоци што ги имаат млекопроизводителите. Се обидуваме со повисока откупна цена да го задржиме нивото на откупено млеко, но сѐ помали се изгледите дека и тоа ќе влијае на млекопроизводителите да продолжат да се занимаваат со оваа дејност – велат од компаниите.
Моментално нема никакви информации за состојбите во млечната индустрија. Од коморите велат дека немале состаноци на здруженијата од овој сектор изминатите неколку месеци.
Цветан Трипуновски, претседател на комисијата за земјоделство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека се поразувачки бројките за намалување на грлата добиток и млекопроизводство во земјава.
– Според она што го имаме како податок и се потврдува со статистичките податоци и наједноставно со еден преглед во маркетите, ние пиеме увозно млеко, а не знаеме со каков квалитет е. Увезуваме 85% од млекото, а произведуваме само 15%. Тоа говори каква е земјоделската политика во земјава во последните години и како таа се одразува на земјоделците и на производството. Со еден збор во наредниот период ќе бидеме сѐ позависни од увоз на храна, нема да знаеме каков квалитет е таа храна. Одредени трговци ќе прават профити, а граѓаните и земјоделците ќе осиромашуваат. Според тоа, кризата која ја најави премиерот не е нешто ново и непознато, но овој пат мислам дека ќе се однесува на зголемување на цените на млекото и на млечните производи бидејќи како што реков, ќе пиеме увозно млеко многу поскапо и со сомнителен квалитет – вели Трипуновски.
Деновиве, економските министри без да појаснат што се случува изјавија дека трговците ги притискале млекарниците да ги зголемат цените на млекото и на млечните производи, а премиерот Ковачевски вчера алармираше дека ни се заканува млечна криза поради проблемите со снабдување со млеко како резултат на војната во Украина, без да каже за што всушност станува збор.
Премиерот најави и нови мерки кои денеска треба да ги договори со министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Од Министерството за земјоделство, меѓутоа денеска не информираа кога ќе се одржи таа средба, а немаат ни информација за што станува збор.
Ако се споредат податоците на Државниот завод за статистика за бројот на грла говеда, односно крави молзници во земјава и произведените количини млеко, може да се види дека последните 5 години (2017-2021 година) за кои има податоци е опаднат бројот на говеда и производството на млеко. Тоа го потврдува она што сточарите го велат во текот на овие години.
Во 2017 година бројот на говеда изнесувал 260.000. Од нив 137.475 биле крави молзница. Во оваа година се произведени 448.754. 000 литри млеко од кое кравјо млеко е 394.140.000 литри, а остатокот е овчо млеко. Приносот по крава во 2017 година бил 2.867 литри.
Во 2021 година бројот на говеда се намалил на 177.622, од кои крави молзница биле 106.637. Во оваа година се произведени 377.872.000 литри млеко или 326.523.000 кравјо млеко. Приносот на млеко по единка бил 3.062 литри.
Статистика бележи и раст на цената на добиточната храна во овие години. Последниот податок е за јули годинава кога е регистрирано дека добиточната храна поскапела за 18, 6% за една година.