ИМАМЕ ЛИ АЛТЕРНАТИВА ЗА РУСКИОТ ГАС? Бугарија не може да ги затвори вентилите, но земјава може сама да одлучи да не увезува од Русија

Експерти велат дека земјава не би се занимавала со овој проблем, ако во изминатите години обезбеди алтернатива за рускиот гас преку снабдување од други извори.

1,486

Земјава не би требало да има проблем со снабдувањето со гас, ако Бугарија ја реализира најавата дека нема да го продолжи договорот за снабдување со „Газпром“, но проблем за компаниите кои го користат овој енергенс би имало, ако Русија одлучи да го запре снабдувањето со гас на Европа поради најавеното ембарго на руска нафта или ако земјава одлучи да се приклучи на европските санкции против Русија кои предвидуваат и запирање на увоз на гас и нафта.

Експерти велат дека земјава не би се занимавала со овој проблем, ако во изминатите години обезбеди алтернатива за рускиот гас преку снабдување од други извори.






Поради војната во Украина, Бугарија веќе најави дека нема да го обнови договорот за снабдување со природен гас со руски „Газпром“.

– Се разгледуваат алтернативни испораки и иден заеднички договор со ЕУ за да се избегне недостатокот на овој извор на енергија – изјави пред два дена вицепремиерот на Бугарија Асен Васиљев.

Србија веќе реагираше дека не прифаќа запирање на испораката на рускиот гас преку Бугарија, зашто плаќа висок износ на надоместоци и очекува гасот да тече до нејзините корисници.

Во земјава засега нема никаква реакција на најавата од Бугарија, ниту, пак, појаснување дали земјава ќе се приклучи кон санкциите на ЕУ за рускиот гас и нафта.

Експертите со став дек земјава нема алтернатива за рускиот гас, но и дека снабдувањето со гас не може да го спречи Бугарија.

Професорот Константин Димитров смета дека Бугарија како и да реши не може да го запре протокот на гас низ гасоводите на нејзина територија, бидејќи тие не се нејзини, а за тоа добива одреден надоместок.

– Технички Бугарија може само да одлучи да не се снабдува со руски гас, но не може да го запре протокот на гас низ гасоводот кој поминува низ нејзина територија, а од кој се снабдуваат и други земји. Доколку би се осмелила на вакво нешто ќе биде соочена со тужби од земјите. Тие за тоа што гасоводот минува низ нејзина територија плаќаат одреден надоместок и ќе преземат активности. Србија веќе најави дека Бугарија не смее да спречи проток на гас низ гасоводот – вели Димитров.

Што се однесува до нашето снабдување, додава тој, повеќе е во прашање какви договори имаат потпишано снабдувачите со гас Те-То, БЕГ и „Макпетрол“.

– Тоа се приватни фирми и верувам дека имаат повеќемесечни договори за снабдување и ќе обезбедат гас за домашните потрошувачи. Но не е проблем само снабдувањето со овој енергенс, проблем е што нашето стопанство иако има можност за снабдување со гас користи само половина од количините кои можат да влезат во земјава од единствениот гасоводен приклучок на земјава – вели Димитров.

Професорот Ристо Цицонков, пак, вели дека земјава може да се соочи со проблем при снабдување со гас бидејќи нема алтернатива за рускиот гас доколку се случи некакво исклучување на дотокот на гас поради санкциите кон Русија.

– Земјава со години носи стратегии за развој на енергетика, но многу малку работи тие да се реализираат. Значи познато (напишано н.з.) е што треба да се прави во енергетскиот сектор, но реализацијата на плановите е катастрофална. Причините за ова се како и сè друго во државата: слаба организација, недоволно стручен кадар, непотизам, партиски вработувања, не постои систем на вредности, можни појави на криминал (тендери н.з.) итн. Ова трае веќе неколку децении. Ако досега се следеа тие стратегии веќе ќе имавме и втор интерконектор за гас или друг начин на обезбедување на гас и други енергенси со кои не располага и мора да ги увезува. Нешто се прави со поврзување со Грција, но на тоа може да се смета дури за најмалку 2 години. Состојбата сега е загрижувачка – вели Цицонков.

Сепак, земјава може да се соочи со криза за набавка на гас, ако Русија одлучи да ја запре испораката на гас за Европа поради најавеното ембарго на руската нафта.

Оваа опција според експертите е помалку веројатна, бидејќи Русија не би сакала да се откаже од извоз на овие енергенси, но ако се случи тоа ќе имаме проблем.

Земјава веќе се приклучи кон санкциите на ЕУ за Русија, а прашање е дали сега ќе биде принудена и да го запре снабдувањето со гас од Русија.

Владите на ЕУ денеска ги почнуваат констелациите на ниво на министри за надворешни работи за нов пакет на санкции кон Русија, во кои се најавува и ембарго за руската нафта.

Членките се поделени во врска со санкциите поврзани со енергенсите. Балтичките членки бараат ембарго на нафта како следен логичен чекор, додека Германија предупредува оти не треба да се дејствува пребрзо поради и онака високите цени на енергенсите во Европа.

– Воопшто не би сакал да ширам паника или на некого да му го расипувам расположението, но одлуката да не воведуваме гасно ембарго не ја донесовме туку-така, туку по интензивни разговори. И нашата индустрија сака да му ги уништи плановите на Путин, но мораме да разбереме што би значела таквата одлука за нас – изјави вчера германскиот министер за економија Роберт Хабек.

Американскиот претседател кој е поборник за целосни санкции на Русија в четврток доаѓа во Брисел на средба на Г7 земјите.

Москва предупреди дека санкциите на ЕУ за руската нафта може да доведат до затворање на големиот гасовод кон Европа, во услови кога земјите од ЕУ и до 40 отсто од потребите за гас ги обезбедуваат токму од Русија.

Плусинфо, ја праша владата како ќе се реализира снабдувањето со гас во новонастанатата состојба и дали има алтернативни решенија за тоа, но не доби одговор.

Поврзани содржини