ИМАЛ НА РАСПОЛАГАЊЕ 30 МИЛИОНИ ЕВРА, АМА МОДУЛАРНИТЕ БОЛНИЦИ ГИ ИЗГРАДИЛ ЗА 300.000 ЕВРА Филипче искористил минимум од парите, објектите се градени од евтини материјали
Трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани можела да биде спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со што не би дошло до спој, а доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот, рече денеска Валенитин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Откако минатата година низ серија прес-конференции насловени како „Афера – провизии кои чинат животи“ ја истакнавме инволвираноста на Венко Филипче како тогашен министер за здравство во трагедијата во која живи изгореа 14 наши сограѓани, а за која Љупчо Коцевски цврсто ги чуваше кривичните пријави и доказите за Филипче во некоја од неговите фиоки, деновиве поранешната обвинителка Лејла Кадриу, исто така, потврди дека работата е забошотена, рече денеска Валенитин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Имено, Кадриу вечерта на кобната трагедија била повикана како јавен обвинител да помогне во истрагата, а по неа дошол и тогашниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески, кој со свои двајца обвинители се приклучил во истрагата. Тие, според обвинителката Кадриу, имале обврска да ја држат работата под контрола. Имено, Светската банка тогаш одобрила средства за изградба на модуларни болници на територијата на цела Македонија биле обезбедени околу 30 милиони евра за изградба на овие објекти. Филипче, кој инаку е познат по својот сенс за криминал и корупција, ја искористил шансата веројатно, да направи модуларни болници за кои тој лично ја скроил техничката спецификација – вели Манасиевски.
Во истрагата, обвинителката Кадриу вели дека во свои разговори со останати лица, градбата на модуларната болница била направена од панели рециклирани со пурпена, кои тогаш не чинеле повеќе од 5 до 6 евра, додаде Манасиевски.
– Додека пак, оние подобрите и поквалитетните, како на пример панели со камена волна кои не горат и до 40 минути, чинеле околу 17 евра. Во превод, според Кадриу, овие модуларни болници кои Филипче ги изгради чинеле околу 300.000 евра, сите заедно, а за оваа намена биле обезбедени 30 милиони евра. Каде заминале овие пари и во чиј џеб завршиле, никој нема одговор. Можеби Филипче го има и се наоѓа во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или пак некоја фирма во Бугарија – рече Манасиевски.
Трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, додаде тој, можела да биде спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со што не би дошло до спој, а доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот.
– Но, Филипче, по сè изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на сè , ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на ковид пациенти на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница и биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени – рече Манасиевски.
Сведоштвото на обвинителката Лејла Кадриу, додаде тој, вели дека вистинските виновници не се зад решетки.
– Оние кои велеле дека не треба да има модуларна болница и нуделе други решенија, сега се осудени, за жал, само по 3 години, а вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција. Утре продолжуваме со нови информации и за тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана токму поради овој случај – рече Манасиевски.