Имаат ли македонските судии храброст директно да ја применуваат Европската конвенција за човекови права?

Претседателот на Републиката може да дава, но не може да одзема и да поништува помилување. Уставот е јасен. Измената на законот со која во 2016 година се овозможи повлекување на помилувањата на претседателот Иванов беше спротивна на Уставот. Тој трик и маневар е голем срам за правото и за правдата во Македонија. Но, Европскиот суд за човекови права сега жалбите на помилуваните ги врати од Стразбур во Скопје и ги повика македонските судии директно да ја применуваат Конвенцијата. Ова се фактите, принципите и начелата релевантни за овој случај.

4,098

Одлуката со која Претседателот на Републиката Ѓорге Иванов на 12 април 2016 година помилува и ослободи од кривично гонење 56 лица наиде на големи негодувања во јавноста. Добро се сеќавам на таа бура. Веројатно и од моето перо се напишани зборови на остра критика на таа одлука, за која и тогаш се тврдеше, а и сега некои тврдат дека претставува пречекорување на уставните овластувања на шефот на државата.

Не сум имал прилика со Иванов да разговарам за причините зошто ја донел таа одлука и за битните околности при одлучувањето. Во 2016 година и во годините пред тоа, без проскрибиран и сметан за „државен непријател“, па со луѓето од тогашниот државен врв немав нормална комуникација. Како и да е, клучна беше претпоставката дека претседателот Иванов дејствувал под директен притисок на Никола Груевски и на неговата екипа. Јас и сега не би ја отфрлил таа претпоставка, но денес, после настаните кои уследија по 2016 година,  совршено е јасно дека шефот на државата можел да има најмалку една важна причина да ги донесе актите за помилување – лицата кои Иванов ги ослободи од кривично гонење беа гонети со флагрантно кршење на член 12 став 2 од Законот за кривична постапка (ЗКП). Со докази прибавени на незаконит начин.






За неупатените, ова е одредбата од членот 12 став 2 од ЗКП: „Доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“. Како што е познато, со дополнителни вратоломии и со интервенции во правосудниот систем (формирање на Специјалното јавно обвинителство како своевиден „револуционерен суд“, озаконување примената на т.н. бомби на Зоран Заев во судските постапки итн), нелегално прислушуваните разговори, наместо индиции за водење истраги, како што беше ветувано на почетокот, станаа клучни, а во многу случаи и единствени „релевантни“ докази на кои се засновуваа судски одлуки.

Зборот ми е, Иванов веројатно и на 12 април 2016 година можел да има информации за тоа што ќе се случува во скора иднина и секако можел да утврди најмалку една, но исклучително важна причина да ги донесе одлуките за помилување и одлучно да ја брани аболицијата. Од друга страна, да бидеме реални и да кажеме дека и критичарите на неговата одлука имале право да се посомневаат дека тој ги пречекорил своите овластувања. Дилемата кој беше во право мораше да биде расчистена на институционален начин. Уставот точно ја пропишува постапката и надлежноста за утврдување на пречекорување на овластувањата од страна на Претседателот на Републиката и за утврдување на негова одговорност. За жал, таква постапка не беше поведена, а она што тогаш се сметаше за обезбедување некаква правда заради мир, се воспостави со неправо и со неправда.

Така, во атмосфера на жесток притисок, протести и насилен атак врз Канцеларијата на шефот на државата, Иванов попушти под ултиматумот итно да се повлечат одлуките за помилување и на 27 мај 2016 година донесе одлуки со кои ги поништи одлуките за помилување. Од тогаш до денес, македонските власти априлските одлуки за помилување ги сметаат за ништовни, а македонските судови чекаа на одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), каде што беа поднесени жалби од засегнатите, со барање да се утврди повреда на правото на правично судење утврдено во член 6 од Европската конвенција за човекови права.

Обединувајќи ги повеќето жалби кои беа поднесени до него по истиот основ, Судот на 16 февруари годинава донесе Решение бр.77796/17, со кое ги оцени жалбите како преуранети и ги упати жалителите да ги исцрпат сите правни лекови коишто им стојат на располагање, додека на националните судови им даде насоки кога ќе одлучуваат за ова прашање да не се раководат само од домашното право, туку директно да ја применат Конвенцијата и да испитаат дали Претседателот на Републиката, кога ги употребил своите овластувања кои се однесуваат на одлуките за поништување на одлуките за помилување, им ги повредил правата на жалителите врз основа на член 6 од Конвенцијата.

За значењето на оваа одредба од Европската конвенција за заштита на човековите права и за некои од клучните принципи и начела поврзани со владеење на правото кои се засегнати во овој случај, малку подоцна. Пред тоа, да се потсетиме како беше создадена правна основа претседателот Иванов да ја повлече аболицијата.

„Бисерот“ на македонското неправо

Како што веќе реков, наместо во пропишана уставна процедура Собранието да утврди одговорност на Претседателот на Републиката и легитимно да воспостави супремација пред која тој нужно би морал да се повлече – веројатно и да си поднесе оставка – беше измислен трик како да се „бајпасира“ една таква сложена и политички скапа операција каква што е импичментот во парламентот. Законот за помилување итно беше изменет и беше „збогатен“ со нов член, фамозниот 11-а. Тоа беше одредба која предвиде можност Претседателот на Републиката да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон, при што претседателот не е должен да ја образложи одлуката.

Овој член е во директна спротивност со Уставот, кој во членот 84 пропишува овластувањето на Претседателот да дава, но не и да одзема и да поништува помилувања. Освен тоа, содржината на членот 11-а неспорно упатува ексклузивно на групата на лица помилувани на 12 април 2016 година, со оглед на фактот што претседателот само нив ги помилувал согласно член 11 од Законот за помилување. На ова, секако, упатува и рокот за поништување на помилувањето (30 дена од денот на донесување на измената на Законот), што јасно укажува дека оваа „иновација“ можела да се однесува само на овие лица и на никое друго. И конечно, да потсетиме и на тоа дека рокот на важноста на оваа одредба подоцна му овозможи на Уставниот суд „елегантно“ да се извлече од пресудување за нејзината (не)уставност, повикувајќи се токму на фактот дека таа одредба престанала да важи и да произведува правни дејствија.

Со овој трик во Законот и со поништувањето на аболицијата, Владата, Собранието и Претседателот на Републиката, во атмосфера на притисоци и јавен линч, креираа одлуки кои долго време ќе бидат посочувани како пример на кршење на принципот на владеење на правото и на правната сигурност. Еден ден, кога приликите во Македонија ќе се нормализираат, за овој случај сигурно ќе се учи на правните факултети.

Недоумиците и колебањата во 2016 и во 2017 година предизвикаа конфузија и во судската пракса – донесени се повеќе одлуки кои се повикуваат на одлуките за помилување, кои потврдуваат дека токму за Кривичниот суд одлуките за помилување не биле ништовни, туку дека за овој Суд биле важечки до моментот на нивното поништување. Овој став, на пример, е присутен во Одлуката за оценка на обвинителниот акт КОК ООА-28/17 од 15.09.2017 година, за предметот „Таргет-Тврдина“. Така и во одлуките за оценка на обвинителните акти за предметите „Транспортер“, „ТНТ“ и „Тортура“.

Кривичниот суд во суд Скопје на 25 април 2016 го отфрлил и барањето на СЈО за определување на мерки за претпазливост, кон обвинетите за предметот „Тврдина“, со образложение дека обвинетите се помилувани односно ослободени од кривично гонење со одлука на претседателот на државата. Ова решение не е обжалено од страна на СЈО, па станало правосилно.

Исто така, ваквиот став бил присутен и во Решението КОК-77/15 за запирање на кривичната постапка против обвинетите Зоран Заев и Зоран Верушевски во предметот „Пуч“, како и во решението за запирање на кривичната постапка предметот „Поткуп“, поради постоење на околност која што го исклучува кривичното гонење, а тоа се одлуките за помилување на претседателот од 12 април 2016 година. Тоа што овие решенија подоцна биле укинати од страна на Апелациониот суд во Скопје, не го намалува нивното значење за валидноста на одлуките за помилување.

Обрнете внимание, тука постои една суштинска правничка нијанса, којашто мора да ја имаме на ум – основот по кој биле укинати тие решенија се одлуките за поништување на одлуките за помилување, а не ништовноста на одлуките за помилување. Дали е тоа исто? Не по врат туку по шија? Не, не е исто. Таа нијанса е важна и пресудна. Поништувањето на одлуките post festum не е аргумент за ништовноста на тие одлуки пред поништувањето.

Во таа смисла, сериозно треба да се разгледа и Одлуката на судијата за извршување на санкции за ослободување од натамошно издржување на казната затвор на Звонко Костовски, кој беше осуден во предметот „Пуч“, поради неговото помилување од страна на Претседателот на Републиката на 12 април 2016 година. Велат дека споменатите решенија од „непознати причини“ не можат да се најдат во системот на донесени одлуки на интернет страницата на Кривичниот суд во Скопје. Затоа, во овој момент не можам да ја утврдам основаноста на претпоставката дека актот на помилување можеби е клучен што Костовски денес е на слобода.

Како размислува Судот во Стразбур?

А сега, за правните принципи и начела на кои се повикуваат жалителите, за прашањата што ЕСЧП ги доставил до македонските власти и за решението на Стразбур од февруари годинава.

Клучниот принцип за кој станува збор во овој случај, принцип што се содржи и во Преамбулата на Европската конвенција за заштита на човековите права, е владеење на правото. Во контекст на случајот со аболицијата и нејзиното поништување, тесно поврзан со темелниот принцип на владеење на правото, од пресудно значење е и принципот на правна сигурност. Венецијанската комисија, како советодавно тело на Советот на Европа, во својот Извештај од 2011 година за владеењето на правото, наведува дека правната сигурност е од суштинско значење за довербата во судскиот систем и за владеењето на правото во целина. За да се оствари довербата, законите, меѓу другото, треба да бидат предвидливи, извесни, јасни и прецизни и да не се ретроактивни, особено не во кривичното право. Исто така, правната сигурност налага да се почитува принципот на res judicata (пресудена работа).

Водејќи се од овие принципи и начела, во врска со жалбите од Македонија, Судот во Стразбур до македонските власти ги поставил следниве прашања:

  1. Дали биле отповикливи одлуките за помилување на претседателот на државата од 12 април 2016 година?
  2. Дали одлуките за отповикување (поништување) на претседателот на државата од 27 мај 2016 и oд 7 јуни 2016 година, темелени на последователна законска одредба (член 11-а од Законот за помилување од 2016 година), се компатибилни со принципот на владеење на правото и правната сигурност?
  3. Дали Законот за помилување од 2016 година бил од индивидуализирана природа и таргетирал специфични лица?
  4. Дополнително и имајќи ја предвид краткотрајната природа на овластувањето на претседателот да го отповика помилувањето, дали Законот за помилување од 2016 година бил компатибилен со принципите на владеење на правото и правната сигурност?
  5. Во светлината на прашањата под број 1 и 2, дали е дозволено кривичното гонење на апликантите во врска со наводните кривични дела за кои се донесени одлуки за помилување и отповикување на помилувањето?
  6. И доколку не, дали е сторена повреда на член 6 од Конвенцијата во врска со постојните кривични постапки против апликантите во врска со наводните кривични дела за кои што се однесуваат одлуките за помилување и отповикување на помилувањето од претседателот на државата?

Девет неспорни факти

Не сум правник, но како граѓанин кој живее во земја којашто ја потпишала Европската конвенција за заштита на човековите права – и со тоа таа Конвенцијата станала дел од нашиот домашен правен поредок – и како новинар кој има право да поставува прашања и да изрази слободно мислење, си ја земам слободата да кажам дека аргументите во овој случај многу сериозно се на страната на жалителите.

Овие девет факти се јасни и неспорни:

  1. Членот 84 од Уставот пропишува само овластување на Претседателот да дава помилување, но не и да одзема и да поништува помилувања.
  2. Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година (членот 11-а) не е во согласност со принципите на владеење на право и правната сигурност, бидејќи не е праведен – наместо да го заштити стекнатото право на обвинетите да не бидат кривично гонети, тој создал правен основ за поништување на стекнати права.
  3. Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година има карактеристики на ex post facto закон, затоа што има повратно, односно ретроактивно дејство – врши промена на правните консеквенци на активностите кои што биле преземени од страна на Претседателот на Републиката, а тоа е безусловно помилување и ослободување од кривично гонење.
  4. Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година не бил предвидлив за помилуваните лица, бидејќи тие не можеле да претпостават дека во моментот кога биле помилувани нивното помилување ќе биде поништено после неколку недели, затоа што во тој момент не постоел законски основ за поништување на правата кои што ги стекнале.
  5. Не постојат критериуми пропишани во Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година што би го правел ваквиот закон податлив за арбитрерна примена.
  6. Рокот од 30 дена за поништување на одлуките за помилување служел за политички и за прагматични цели и ваквото ограничено, краткотрајно важење на законот го спречил Уставниот суд да ја оцени неговата уставност.
  7. Законот е донесен под изнуда, по скратена постапка, во атмосфера на насилни протести и јавен линч.
  8. За Европскиот суд за човекови права, усвојувањето закони кои таргетираат одредена индивидуа или група лица, како во конкретниот случај, не е во согласност со принципот на владеење на правото, бидејќи секое мешање во правата мора да биде темелено на инструмент од општа примена. (Во врска со ова: Пресуда Baka v. Hungary, бр. 20261/12, параграф 117).
  9. Што се однесува до начелото res judicata (пресудена работа), ЕСЧП смета дека еден од фундаменталните аспекти на владеењето на правото е принципот на правна сигурност, кој налага дека таму каде што судовите со конечна одлука утврдиле одредена работа, нивната одлука да не се доведува под знак прашање. (Во врска со ова: Пресудата Brumarescu v. Romania бр. 28342/95, параграф 61; како и Пресудата Ryabykh v. Russia бр. 52854/99, параграф 52).

Голема шанса за македонските судии

Реков веќе, се придружувам кон аргументите на жалителите, бидејќи се темелат на неспорни факти и на општо познати и прифатени правни принципи и начела. Се потпирам на експертизата на адвокатот Влатко Илиевски, сопруг на осуденичката Гордана Јанкуловска, која ја издржува затворската казна обесправена и дискриминирана и на родова основа (меѓу другото), без можност да ги користи правата предвидени во системот на рехабилитација во затворските установи во една цивилизирана земја.

Секако, при тоа сум свесен дека постојат и поинакви мислења и го респектирам тоа. Секој од нас има право на свое мислење, но немаме право на сопствени факти. Тие, фактите, се неприкосновена работа и кога станува збор за правото и правдата, се утврдуваат врз основа на правни принципи, начела и норми, во строго форматирани и правични судски постапки, каде што прашањето на политичкиот опортунитет не може да биде поважно од принципот на владеењето на правото.

Јасно е дека Стразбур бил свесен за политичките последици што може да ги предизвика одлука во прилог на жалителите, но уште потешки последици би можела да предизвика одлука спротивна на словото и на духот на Европсклата конвенција за заштита на човековите права и на добро познатите правни принципи и начела, стари со векови. Мислам дека Европскиот суд за човекови права на 16 февруари донел најмудро решение – товарот на одговорноста ја префрлил на македонските судии, упатувајќи ги при пресудувањето директно да ја применуваат Конвенцијата. Откако македонското судство ќе одговори на предизвикот, засегнатите секако ќе можат повторно да се обратат до Стразбур.

Ова е голема одговорност за македонските судии, но истовремено и голема шанса. Голем испит. Би рекол – и голема чест. Кога еден судија од Скопје ќе добие шанса да пресудува за важно прашање и при тоа по повик од Стразбур директно да ја применува Европската конвенција за човекови права, тоа е како наш фудбалер да добие шанса да заигра во некој од познатите европски фудбалски клубови заедно со големите ѕвезди на овој спорт. Тоа е шанса што не се пропушта. Одговорот на тој предизвик не смее да биде – простете, тоа за мене е преголем залак, вие играјте без мене, јас ќе гледам од резервната клупа и ќе навивам. Напротив, шансата мора да се зграби.

И тука мислам и на судиите во основните, во апелационите и во Врховниот суд. Веќе пишував дека прв којшто ќе има можност да преземе иницијатива е судијата Илија Трпков, кој на првото рочиште од повторното отворање на предметот „Таргет-тврдина“ најави дека неговата одлука ќе ја соопшти на наредното рочиште. Апелациониот суд во Скопје, пак, на 23 март ќе одржи јавна седница по жалба за предметот „Титаник 1“. Апелационите судии ќе треба да се одважат на директна примена на Европската конвенција за заштита на човековите права. Досега Апелација два пати одлучувала за помилувањето, во предметите „Транспортер“ и „Таргет-Тврдина“. И во двата случаја апелационите судии „логицирале“ различно и се потпирале на различни „аргументи“. За „Таргет-Тврдина“ не се произнеле, а за „Транспортер“ заклучиле дека помилувањето е истовремено и ништовно и поништено. Четири од петте судии на овој суд кои досега одлучувале за ова важно правно прашање сега ќе имаат трета можност да демонстрираат храброст, познавање на правото и чувство за правичност.

Важни одлуки за враќање на довербата во судството

Неправо и неправди во Македонија имаше во сите овие три децении откако сме независна држава. Имало и порано. Имаше свои длабоки причини и борбата за правда без која нема мир и во времето на режимот на Никола Груевски. Треба да бидеме начисто со тоа и да не ја обвинуваме т.н. Шарена револуција за се и сешто, покрај за јадењето на сопствените деца. Но, треба да се соочиме и со болната вистина дека во периодот по 2016 година, се воспостави систем на она што јас го нарекувам „револуционерна правда“, при што што новите малформатирани „јакобинци“ се обидоа својата „правда“ да ја воспостават со неправо и со неправди, па дури и со рекет и со класичен криминал. Затоа денес немаме ни мир ни правда, а криминалот и корупцијата дивеат.

Многу е изгубено, особено довербата во правосудството, но јас сум оптимист и тврдам дека со малку храброст и одважност, многу може и да се надомести. За да се тргне напред, понекогаш е потребно да се вратиме чекор назад. За да се види каде е згрешена работата. Да се исправи она што може да се исправи. Да се фати вистинската насока, ако веќе сме тргнале во погрешната. И така, чекор по чекор, можат да се вратат и достоинството и довербата. И во институциите и во луѓето. Се разбира, тоа е потешкиот начин, секогаш е полесно да се биде опортунист и да се остане во зоната на комфорот. Но, ако сакаме правда и мир, потешкиот сепак е единствениот исправен пат.

Поврзани содржини