Има во оваа земја горди Македонци или нема?

Побугарчувањето на Кирил и Методиј и на нивните ученици е основата врз која се шири тезата за бугарскиот карактер на македонската нација. И тоа поминува, а СДСМ згора нè убедува дека идентитетот не бил засегнат.

6,806

Препораките на заедничката Комисија за образовни и историски прашања, во кои се сумира што сработиле бугарските и македонските историчари во овие четири години, навистина се голем триумф на „бугарската историска наука“.

Бугарските историчари и софиските медиуми со право го слават поразот на македонските политичари и на неколку наши историчари коишто очигледно склопиле пакт со ѓаволот.






Комисијата успеа за краток период да произведе „наративи“ кои целосно ги дезавуираат достигнувањата не само на македонската историска наука, туку и трудовите на многу историчари и слависти кои го проучуваат периодот од раниот среден век, од славната Моравска мисија на светите Кирил и Методиј, па сè до периодот на просветителството на овие простори во 19 век.

Без никакви сериозни научни докази, врз основа на хипотези и фалсификати од периодот на живковизмот, во Препораките „средновековната бугарска држава“ е претставена како демиург и заштитник на просветителската мисија на Кирил и Методиј и на нивните ученици Климент, Наум и другите.

Ова е „утврдено“ наспроти базичните историски факти, кои се неумоливи. Моравската мисија на браќата, испратени како мисионери на Византија, почнува во 862 година, три години пред Бугарија да го прифати христијанството. Свети Климент, пак, се замонашува девет години пред тоа, а во Мисијата е две години пред христијанизирањето на Бугарија, каде што во нова мисија ќе дојде дури 20 години подоцна.

Ова се голи бројки. Факти. А да не зборуваме за контексти и за продлабочени анализи на процесите…

Според Препораките, сега нашите ученици ќе учат дека ширењето на христијанството и описменувањето на Словените од страна на учениците на Кирил и Методиј е проект на „средновековната бугарска држава“ и дека тоа нема врска со Византија. По истата логика, дури и децата во Хрватска, во Словачка и во други словенски држави би требало да учат дека просветителската мисија на Кирил и на Методиј и на нивните ученици е „бугарски проект“.

Сичките сме Б’лгари, од амебите до модерните нации!

Ова е сè само не наука.

Како што не е наука да се тврди дека Цар Самуил е „бугарски цар“. Истиот цар кој доаѓа на власт откако претходно Византијците ќе го уништат Првото бугарско царство. И истиот цар кого Бугарите ќе го „откријат“ дури во средината на 19 век, под влијание на царска Русија.

Ова е политикантство од најдолен вид, другарки и другарчиња!

Ова е идентитетски инженеринг, со кој Бугарите се претставени како наднација, а Македонците и сите други словенски нации – производ на една просветителска и културолошка мисија на „средновековната бугарска држава“.

Во право е академик Катица Ќулавкова кога вели дека „препораките се одглас на еден тоталитарен и заробен ум, никако плод на научно засновано толкување на сложените историски процеси на Балканот“.

Ама, кому да објасниш?!

И секако, не е во право СДСМ, кога на ваквите критики папагалски возвраќа дека Препораките „не задираат во идентитетот“. Вакво нешто може да каже само некој што не знае апсолутно ништо за македонската историја, па затоа и не разбира дека побугарчувањето на Кирил и Методиј и на нивните ученици е темелот над кој се „ѕида“ тезата за бугарскиот карактер на македонската нација.

Со еден збор, Препораките содржат „наративи“ коишто се голем срам за сите македонски политичари, историчари и општественици.

Голем срам е ова и за раководството на СДСМ.

И за сите луѓе во македонските политички партии.

И за сите Македонци коишто се јавни личности и имаат влијание врз јавното мислење.

И за оние коишто немаат мислење што би сакале да го споделат со јавноста, а би требало да имаат.

Мислам на Бранко Црвенковски, на пример.

И на Радмила Шеќеринска.

И на многу други…

Нека ми простат на прозивката, но дојде време некој и да ги повика да отворат уста. Да зуцнат.

Дојде време некој да ги праша – па зарем и вам не ви е јасно каде води сево ова?

Што е, да не прифатија и тие да бидат производ на „средновековната бугарска држава“?

Има ли во оваа земја критична маса на пристојни и одговорни луѓе, коишто не се срамат да кажат дека се македонски патриоти, коишто имаат своја национална гордост и достоинство?

Има? Ајде де…

Па каде се, добога?!

Зошто овој молк?

И до кога?

Поврзани содржини