ИМА ТАКОВ НАРОД ШТО САКА ДА СЕ ПАЗАРИ Слави Трифонов би го симнал ветото за Македонија, ако САД ги укинат визите за Бугарите
Над 200.000 бугарски војници загинале за слободата и за обединувањето на Македонија, напиша Трифонов и додаде дека кога бил во посета на Скопје и на бугарската Амбасада, со спреј било испишано „Бугари умрете“!
Слави Трифонов, лидерот на бугарското движење „Има таков народ“, на својот Фејсбук-профил предложи Бугарија да ѝ дозволи влез на Северна Македонија во Европска унија, ако Соединетите Американски Држави ги укинат визите за бугарските граѓани и земјата веднаш да стане членка на Шенген зоната.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Трифонов во објавата пишува дека по толку чекање и тие треба да станат Европејци.
– Сега сме помалку Европејци од вистински Европејци. Значи барам веднаш да нема визи за САД и веднаш да станеме членка на Шенген зоната – додава тој.
Според Трифонов, темата за Северна Македонија е важна за сите Бугари.
– Бидејќи е дел од нашата национална историја и бидејќи над 200.000 бугарски војници загинале за слободата и обединувањето на таа земја, смета Трифонов и додава дека кога бил во посета на Скопје и на бугарската Амбасада со спреј било испишано „Бугари умрете!“.
– Зошто бе, луѓе, што сме ви направиле за да искажувате таква омраза? – напиша Трифонов во врска со тој напис.
Во објавата, лидерот на движењето „Има таков народ“ вели дека околу 100.000 Македонци имаат бугарски пасош и додава дека за да се добие тој пасош потребно е да ги докажат бугарските корени. Тој вели дека со таквите изрази на омраза оние македонски граѓани, кои имаат бугарски пасош одат против самите себе, бидејќи се „Бугари по пасош и по нивна желба“.
– Во вашите учебници по историја пишува дека Бугарите се фашисти. Значи, вие самите сте фашисти – додава тој.
Трифонов потсети дека на 10 јануари кај претседателот на државата Румен Радев ќе се одржи советодавен состанок, на којшто ќе се разговара за Северна Македонија.