ИМА ПРОМЕНА ВО РЕТОРИКАТА НА ЕУ, НО НЕ ОДЛУЧУВАМЕ НИЕ Нема преговори за јазикот, идентитетот и за културата
Има можност (за излезн решение) со интерпретација. Мислам дека мора да ги тргнеме историјата, културата и јазикот од критериумите. Да, малцинските права се дел од Копенхагенските критериуми, но ние во поглед на малцинските права имаме многу високи стандарди вградени и во Уставот, член 48 амандман 8, Рамковен договор, вели претседателката потенцирајќи дека постои промена во реториката во ЕУ за нашиот спор со Бугарија, но дека ние не решаваме за промените во заклучоците на ЕУ.
Mожна e промена на заклучоците на ЕУ за Македонија, како и излезно решение за проблемот со Бугарија, но одлуката за тоа не ја носиме ние, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова одговарајќи на новинарско прашање.
– Од наша призма можно е да се смени заклучокот, но не ја носиме ние одлуката. Точно е дека ние сме разговарале за излезни решенија. Можеби некој не го гледа тоа, но јас мислам дека има промена во реториката на највисоките претставници на ЕУ во поглед на ова прашање бидејќи не се работи само за еден преседан, туку за приказна што ќе се повторува доколку во стартот не се најде решение. Затоа јас предлагав некои излезни решенија – вели претседателката по отворањето Меѓународниот форум насловен „Глокализација 2.0: Одржлива родово-одговорна иднина“, организиран од Регионалната мрежа за родово одговорно буџетирање (GBWN).
Сиљановска Давкова вели дека повеќепати има кажано оти доколу правата на бугарското малцинство кај нас навистина беа во прашање и нарушени, таа прва би поддржала мерка што ќе ги подобри, но, како што нагласи, одговорно тврди дека низ уставно-правна призма ние имаме една од најдобрите уставни гаранции за правата на малцинствата.
– Честопати слушаме француски предлог. Не знам колку е добро да кажам, ама не одговара придавката бидејќи Франција е држава којашто ја нема потпишано ниту ратификувано Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата. И сега да го користите предлогот за гарантирање на малцински права како француски не е во ред. Далеку од тоа дека јас ја обвинувам Франција или ЕУ, бидејќи во креирањето на заклучоците и решенијата се разбира дека учествувале и нашите претставници, нашиот дел од историската комисија.
Претседателката, сепак, смета дека може да се најдат излезни решенија.
– Веќе споменав дека тешко може да се менува трет протокол со втор протокол, но за почеток на преговорите на меѓувладина конференција се донесува и изјава за отворање на преговорите. Има можност со интерпретација. Мислам дека мора да ги тргнеме историјата, културата и јазикот од критериумите. Да, малцинските права се дел од Копенхагенските критериуми, но ние во поглед на малцинските права имаме многу високи стандарди вградени и во Уставот, член 48 амандман 8, Рамковен договор.
Но, како што нагласува Сиљановска Давкова, тоа не важи и за нашиот источен сосед.
– Обично го барате од другиот она што вие го гарантирате. Ако вие не гарантирате имплементација на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, а се повикувате на заштита на човековите права, тогаш имате проблем.