ИМА ЛИ КОРУПЦИЈА ВО ПОСЛЕДНАТА НАБАВКА НА ЈАГЛЕН НА ЕСМ? Препораката на антикорупционерите е да се сведе на минимум преговарањето во „четири очи“

Опозицијата е сигурна дека во постапката се крие коруптивна зделка, а на можна корупција во вакви постапки алармираат и невладините како и Анрикорупциската комисија и државниот ревизор.

1,038

ЕСМ и нејзините подружници и годинава продолжуваат со трендот на јавни набавки без објавување на тендер. Последната набавка е извршена деновиве за ископ на јаглен. Набавката е со вредност од 19 милиони евра, а склучен рамковен договор со компанијата „Марковски компани“. Операторот треба веднаш да започне со менаџирање на операцијата „проширување на изработка на усек за раздвојување во ПК ПЈС“ на две, односно три локации, во потрага по потенцијални 1.450.000 тони јаглен.

Опозицијата реагираше со обвинување дека на ваков начин власта се обидува да ќари провизија во прилог на блиски до власта. И антикорупционерите, ревозорот и невладините кои ги следат тендерите велат дека ваквите набавки се нетранспарентни и се предмет на можна корупција.






Од ЕСМ се оправдаа со фактот дека поради „крајна итност“ и непредвидени работи не можат да се запазат роковите предвидени во таканаречената отворена постапка со објавување на оглас. Компанијата појасни дека треба да ги обезбеди потребните количини на струја за ЕВН Хоме во износ од 100 отсто како што бара владата, наместо 60 отсто како што предвидува Законот за енергетика. За таа цел обезбедени се средства од Владата и затоа преговарањето било без претходно објавување оглас.

ЕСМ посочи дека „и покрај законската можност постапката да биде спроведена со само еден економски оператор, за учество во постапката беа поканети пет економски оператори, од кои четири се одзваа на повикот“.

Претходно државните електрани побарале и добиле позитивно мислење од Бирото за јавни набавки за да спроведат постапка по пат на директни преговори.

Тендерот се реализира во ек на енергетска криза, но скоро еден месец по измината кризна состојба која беше прогласена на 9 неември годинава. Што значи ЕСМ не може да се повика на енергетската кризна состојба, туку мора да ги користи законските можности кои определуваат во кои услови може да се спроведе набавка  ос директно преговарање.

Но, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не мисли исто како и ЕСМ и Бирото за јавни набавки. Од партијата сметаат дека и оваа јавна набавка, како и оние направени од ЕСМ во изминатиот период кријат корупција поврзана со власта бидејќи цнеата на договорената работа со компанијата е дури и повисока од онаа постигната на тендерот за увоз на јаглен.

– Се поставува логичното прашање, дали затоа последниот склучен договор за ископ на 1,4 милиони тони на јаглен во РЕК се плаќаат 19 милиони евра, односно 13 евра по тон, кога во исто време јагленот договорен од Косово го плаќаме 8 евра? Дали разликата од 5 евра по тон, односно 7 милиони евра вкупно треба да заврши кај Вице Заев, на истиот начин како што посочува Бојан Јовановски дека истиот тоа го прави. Која е економска оправданост да се плаќа и до 70 отсто поскап ископ, ако не се работи за одредени други шеми? – прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Невладините кои ги следат јавните набавки велат дека иако Законот за јавни набавки предвидува форма на јавна набавка без објавување оглас, сепак преголемата употреба на оваа нетранспарентна форма на јавни набавки крие можност за корупција.

– Во првото полугодие од 2021 година, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 7,9 милиони евра. На ниво на институции предводи АД Електрани, кое без објавување оглас склучило 6 договори во вредност од 4 милиони евра –  велат од Центарот за граѓански комуникации во послениот Извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки за периодот јануари – јуни 2021 година.

Од Центарот препорачуваат да се сведе на минимум користењето на вакви постапки во јавните набавки.

– Договорните органи треба да ја сведат на минимум нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас, особено затоа што најчесто ја применуваат за преговарање само со една фирма, и оттука се зголемуваат ризиците од корупција – велат од Центарот.

Јавните набавки во „четири очи“ како што се нарекуваат постапките каде што се прават договори со економскиот оператор без објавување на оглас како крајно сомнителни се посочуваат и од Државниот ревизор при ревизијата на ваквите набавки спроведени во време на кризната состојба поради пандемијата. И во овие набавки е користена причината „крајна итност“

„Утврдените состојби упатуваат на тоа дека не секогаш биле исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас, а итноста на определена набавка е предмет на субјективно толкување од страна на одговорните лица во институциите од јавниот сектор“, наведува ревизорот во извештајот.

– Овие состојби создаваат ризик од нарушување на начелата на конкуренција, транспарентност и еднаков третман и недискриминација на економските оператори, што не е во согласност со член 5, член 6 и член 7 од Законот за јавните набавки-се вели во Извештајот на ревизорот.

И првата антикорупционерка Билјана Ивановска вели дека јавните набавки кријат во себе корупција, а оние набавки кои се реализираат без објавен оглас се најризични.

– Секако најкоруптивни јавни набавки се оние кои се реализираат во „четири очи“. Тоа го покажа и државната ревизија при ревизијата на договорите за јавни набавки лани кои се спроведуваа во прогласена кризна состојба поради пандемијата. Но во основа сите јавни набавки се поврзани со можна корупција – вели Ивановска.

Законот за јавни набавки (член 55) предвидува во кои услови можат да се спроведат јавни набавки без објавување на оглас. Се наведуваат 4 случаи во кои е дозволено јавната набавка да се спроведе со директни преговори без да се објави оглас:

  1.  кога по претходно спроведени две отворени постапки или поедноставени отворени постапки не е поднесена ниту една понуда или ниту една соодветна понуда, односно кога по претходно спроведени две ограничени постапки не е поднесена ниту една пријава за учество или ниту една соодветна пријава за учество во првата фаза, под услов да не се значително сменети условите од тендерската документација. Вкупната цена на конечната понуда предложена во постапката со преговарање не смее да ја надмине цената на понудата на истиот понудувач поднесена во претходната неуспешна постапка за јавна набавка;
  2. доколку јавната набавка од секторските дејности има за цел самоистражување, експериментирање, проучување или развој и нема за цел да оствари профит или да ги надомести трошоците за истражувањето и развојот, под услов доделувањето на таквиот договор да не влијае врз конкурентноста при доделувањето подоцнежни договори за јавни набавки со тие цели;
  3. доколку стоката, услугата или работата може да ја обезбеди само одреден економски оператор од следниве причини:
  • целта на јавната набавка е да се создаде или да се добие уникатно уметничко дело или уметнички изведби,
  • кога поради технички причини нема конкуренција за предметот на набавка или
  • за заштита на ексклузивни права, вклучувајќи ги и правата од интелектуална сопственост;

4. доколку поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои договорниот орган не можел           да ги предвиди, роковите за другите постапки не може да се применат. Околностите со кои се оправдува           крајната итност во никој случај не смеат да бидат такви за да му се припишат на договорниот орган.

Постапката со преговарање без објавување оглас може да се користи за јавни набавки на стоки:

а) произведени исклучиво за истражување, експериментирање, проучување или развој, но не за стоки во сериско производство со кое би се остварила добивка или поврат на трошоците за развојот или истражувањето;

б) кога договорниот орган мора да набави дополнителни испораки од првобитниот носител на набавка заради делумна замена на вообичаените стоки или инсталации или проширување на постојните стоки или инсталации, при што промената на понудувачот би го обврзала договорниот орган да купи материјал кој има поинакви технички карактеристики што би резултирало со некомпатибилност или несразмерни технички тешкотии во функционирањето и одржувањето. Должината на дополнителните набавки не смее да надмине три години од склучувањето на првичниот договор, а нивната вредност не смее да надмине 20% од вредноста на првичниот договор;

в) што котираат и кои договорниот орган ги набавува од берза;

г) што се набавуваат по посебно поволни услови од понудувач кој ги затвора своите деловни активности (ликвидација или стечај), од стечаен управник или ликвидатор, по претходен договор со доверителите;

д) во секторските дејности, со искористување некоја посебна поволна можност што е достапна само за многу кратко време по цена значително пониска од вообичаената пазарна цена.

Постапката со преговарање без објавување оглас може да се користи за јавни набавки на услуги:

а) што се набавуваат по посебно поволни услови од понудувач кој ги затвора своите деловни активности (ликвидација или стечај), од стечаен управник или ликвидатор, по претходен договор со доверителите;

б) кога предметниот договор следува по спроведување конкурс за избор на идејно решение и се доделува на најдобро рангираниот учесник или на еден од најдобро рангираните учесници. Ако договорот се доделува на еден од најдобро рангираните учесници, договорниот орган ги поканува сите нив да учествуваат во преговорите.

Поврзани содржини