Има ли комисија којашто решила некој проблем?
Да побара „политиката да се остави на страна" човек кој на функцијата дошол како припадник на одредена политичка партија и човек во чие министерство ни чистачка не може да се вработи ако не е член на партија, тоа е политички безобразлук пар екселанс.
На изјавата на министерот Венко Филипче со која му сугерира на ВМРО-ДПМНЕ „да ја оставеле политиката настрана“, кумановци би изреагирале со: „Да се крстив с леву руку“!
Да го побара тоа човек кој на функцијата дошол како припадник на одредена политичка партија и човек во чие министерство (како, впрочем, и во сите останати) ни чистачка не може да се вработи ако не е член на партија, тоа е политички безобразлук пар екселанс.
Згора на тоа, сите комисии, управни одбори, надзорни одбори… сите тие се пополнети со партиски послушници.
И сега, сето тоа не било политика, политика било барањето за негова оставка!?
Истовремено, не можам да му се начудам на Христијан Мицкоски кој во една своја изјава деновиве реагираше на висината на хонорарите во Комисијата за заразни болести. Наместо тоа (а после признанието на претседателот на комисијата Жарко Караџовски, дека се преморени од работа), требаше да се побара опозицијата да инкорпорира свој член во комисијата. Со тоа, опозицијата би имала делумна контрола врз работата на комисијата и би влијаела врз мерките кои комисијата ги носи, а имаат тоталитарен предзнак. На Караџовски, пак, би му се овозможило малку да здивне. Тој лично, а и ние покрај него!
Јас дури би отишол чекор подалеку и мислам дека е крајно време Комисијата за заразни болести целосно да се распушти, зашто човештвото и историјата не познаваат комисија која што решила некој проблем. Независно дали се работи за Комисија за заразни болести или за комисија која што треба да каже – чиј е Гоце Делчев?
Старата и помалку излитена фраза на Винстон Черчил во врска со комисиите гласи вака: „Ако сакаш некој проблем да не го решиш, формирај комисија“.
(ФБ статус на авторот)