ИМА КЛАУЗУЛА ЗА ТАЈНОСТ ВО ДОГОВОРОТ СО „БЕХТЕЛ И ЕНКА“ Таа нѐ обврзува, вели Грковска

231

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска на денешниот брифинг со новинарите укажа дека договорот со „Бехтел и Енка“ има клаузула за тајност.

– Мојата прва изјава за тоа беше дека во принцип не гледам причина да не биде објавен, освен ако има клаузула што би можела да влијае на таквата одлука и дека ќе проверам дали има таква клаузула. Меѓутоа, таква клаузула постои, веднаш беше објавено од премиерот и беше информирана јавноста за постоењето на таква клаузула и дека таа нѐ обврзува во еден дел за таква мерка – рече Грковска на средбата со новинари.






Во однос на механизмот кој им стои на располагање – опомените за функционери кои го прекршуваат етичкиот кодекс и ја злоупотребуваат својата функција, Грковска нагласи дека без оглед за кого станува збор одлучуваат исклучиво врз основа на аргументите. Прашана дали има притисоци од некои функционери, Грковска одби да одговори.

– Ние без оглед на сѐ и без оглед за кого станува збор одлучуваме исклучиво врз основа на аргументите и гледате дека и од функционерите на кои им е изречен очигледно дека не нѐ засега многу за кого и за што туку дали аргументите укажуваат на тоа дали го прекршиле или не. Има влијание, има промена во однесувањето тоа се гледа по дискусиите што ги правиме – рече Грковска.

Таа посочи дека е дадена препорака секое министерство и секоја институција да има лице задолжено за кодексот со цел најдобро имплементирање на етичкиот кодекс.

– Во добра насока сме, тоа е процес поради тоа што досега не сме имале случаи на изрекување мерки и опоменување за такво однесување на функционери. Тоа е процес кој се надеваме дека еден ден ќе нѐ доведе до ситуација кога свесноста на функционерите ќе биде на тоа ниво какво што е во денеска поразвиени демократски држави, но преку ноќ не се случува – рече Грковска.

Одговарајќи на прашање што доколку некој и понатаму го прекршува кодексот, Грковска кажа дека доколку продолжи да го прекршува кодексот за истото за кое е опоменат, обврзани се да го информираат премиерот за тоа и понатаму тој треба да одлучи за каква мерка ќе се определи. Мерките се да побара оставка, разрешување и јавна опомена.

 

Поврзани содржини