📷 „ИЛИРИДА“ ГО ПОКРИ МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ ВО ГОСТИВАР Напад со говор на омраза врз градскиот симбол
Ова не е постапка со која се отсликува соживотот на гостиварчани, зошто сите ние - Македонци, Албанци, Турци, Роми - сме растеле заедно, сме се почитувале и сме ги негувале различностите. Ова може да го направи само оној што не израснал со овие вредности, напиша советничката во општинскиот совет, Ема Мешковска.
Непознати лица испишале текст на албански јазик со навреди и го исшараа монументот кој се наоѓа на кејот во Гостивар.
Претходно на срцето беше исцртано македонското знаме и делови од словенската азбука, како чин за одбележување на 24 Мај, денот на писменоста.
Гостиварци од утрово по социјалните мрежи го осудуваат овој чин.
– Ова не е постапка со која се отсликува соживотот на гостиварчани, зошто сите ние – Македонци, Албанци, Турци, Роми – сме растеле заедно, сме се почитувале и сме ги негувале различностите. Ова може да го направи само оној што не израснал со овие вредности – напиша советничката во општинскиот совет и иницијатор да се одбележи денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, Ема Мешковска.
Во полиција настанот не е пријавен, а доколку биде, како што наведоа од СВР Тетово, ќе бидат преземени соодветни мерки.
Врз сегмент од бетонскиот монумент во понеделникот, средношколци, со дозвола на локалната самоуправа, го обоија со мотиви на македонското знаме и беа испишани букви од глаголицата и од кирилицата.