Веќе скоро две децении се научивме да живееме во времето и земјата на на парадоксите. Ете, повеќе од три месеци светската здравстевна јавност, новинарите, политичарите, Бил Гејтс, Трамп, СЗО, ЕУ, НАТО се преокупирани со темата на кинескиот вирус ковид-19, а ние во Република Македонија овие денови сме преокупирани со тоа што рекол Али Ахмети.
Треба да е некоја многу „паметна“ изјава на Али што политичарите, телевизииите, порталите секој ден се занимаваат со таа тема. Можеби тоа да е трик, да се оттргне вниманието од коронавирусот на политичко поле, кој нас и целиот свет нѐ стави на најтешки човечки маки досега после 120 години од злогласната чума во Шпанија и во Европа.
И ако внимателно се анализира што рекол Али, заклучокот е дека суштествено ништо не рекол. Многу работи во нашиот политички живот се речени многу потемелно и попаметно од Али, но околностите и времињата тоа не го дозволија. Да кажеме високото образование на албански јазик, дело на ПДП легализирано потоа од лично Црвенковски за што пофалбувачите на Али го сметаат за дело на ДУИ, Штуловиот универзитет основан за време на коалицијата Георгиевски-Арбен Џафери, албанскиот јазик во службена употреба и консензуалната демократија платформи и идеи на ПДП во документот „Декларација за рамноправниот статус на Албанците во Македонија“. Нешто што ПДП политички не го измисли е „консензуалниот претседател“ Ѓорѓа Иванов! И не се каеме за тоа, оти времето покажа дека сме биле во право.
За тоа дали Албанец треба да биде претседател на држава, претседател на Собрание или премиер сме го рекле на првата конститутивна седница на Собранието на Република Македонија, на 8 јануари 1991 година. Има за тоа стенографски белешки. Тогашната наша порака за Албанец, една од трите функции во државата, немала популистички карактер, туку изборен резултат: ВМРО-ДПМНЕ 39 пратеници, СКМ-ПДП 31 пратеник и ПДП-НДП 23 пратеника.
Коалицијата ПДП-НДП тогаш имаше 230.000 гласови и 100% ја претставуваше волјата на Албанците во Македонија. Имено, во 120 изборни единици од редовите на СКМ-ПДП имаше околу 10 кандидати Албанци за пратеници кои добија од 3-5 гласови во изборни единици со 15 илјади гласови. Значи, имавме право од изборните резултати еден од тројцата функционери да биде Албанец оти го имавме нивниот потполен легитимитет.
Овој пат не влегувам во подлабока анализа за тоа кој како дошол на политичката сцена во земјава, кој колку имал вакви или такви политички заслуги оти тоа историјата ќе го докаже. Јас сум го рекол тоа многу одамна.
Воопшто не ми е јасно зошто таква бучна реакција после „фамозната“ изјава на Али, од страна на Заев и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ. Заев знам дека ќе ја повлече својата изјава: многу веројатно е идниот премиер на владата на Северна Македонија да биде Албанец од СДСМ ако Заев се откаже од својата амбиција повторно да биде премиер, во случај оваа партија да победи на избори. Тој треба да биде високостручен менаџер, способен политичар, економист, и т.н. Ако тој се докаже во менаџирање на владата нема да биде воопшто важно што е по етничка припадност. Такви кандидати има во СДСМ.
Мојата дилема е дали Али тоа го рекол во функција на поддршка на Заев за возврат на големите заложби на Заев за победата на ДУИ за време на локалните избори кога лидерот на ДУИ наместо да се збогува со политиката ги доби општините Тетово, Чаир, Струга.
Или, на пример, другата теза: дали Али го рекол тоа за да ги мобилизира Македонците револтирани од Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија од револт да гласаат масовно за ВМРО-ДПМНЕ со што Мицкоски би добил мандат да формира влада и да прави коалиција со ДУИ?
И едното и другото е право на секоја политичка партија. Проблемот е дали јавноста (албанска) го разбрала тоа што сака Али со повикот (Илиндитска прокламација!) за мобилизација на целото албанско гласачко тело за избор на консензуален премиер Албанец или премиер Албанец од ДУИ.
Тоа експлицитно го објасни неговиот „портпарол“ кој ги толкува соништата на неговиот претседател кого го величеше за најзаслужен политичар за постоењето на Македонија на една телевизиска емисија. Тоа што бара ДУИ, е дека идниот премиер треба да биде премиер од редовите на оваа партија; случајно може да биде и Албанец оти ДУИ досега имаше и неалбанци на високи државни функции. Етничкото потекло Албанец на идниот премиер на Македонија е мамка за „патриотска“ мобилизација на албанското гласачко тело.
Суштината на сето тоа е дека не требаше ваква „Илиндитска прокламација“ за мобилизација на албанското гласачко тело, туку само една предизборна коалиција со една од големите македонски партии со договор дека идниот премиер ќе биде од редовите на ДУИ. Тоа е работа на математика а не на етничко потекло. За рамноправноста на граѓаните се згрижуваат институциите на државата а не избраните индивидуи кои се менлива категорија.
Сепак, во едно се сложувам со „портпаролот“ на претседателот на ДУИ. Али е многу повешт и поитар политичар од многуте албански политичари и воопшто не е чудно еден послеизборен ден тој да ги собере сите тие лидери без оглед на бројот на гласачите и да ги одвезе до Рама и до Тачи на „сеалбански ручек“ за да му дадат легитимитет на Али да ги претставува Албанците на (Северна) Република Македонија. После тоа македонските националисти да го „критикуваат“ за Тиранска платформа за премиер и да го претставуваат како албански „националист“. Доволно за победа на изборите. Исто како во 2016 година!