Илија Димовски: Имало и други кризи, ама ваква неспособна влада немало
Во економска криза најпотребни се капитални инвестиции (патишта, болници, гасификација, училишта итн), но власта токму таму е најслаба.
Економско цунами и се случува на Македонија. Ваква неспособна Влада, Република Македонија немала. Имало и други кризи (блокади, ембарга, Косово, 2001, хипотекарни и банкарски светски кризи), но вакво дно од бројки Македонија немала, пишува на Фејсбук Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„БДП: 5,92% изнесува падот на БДП за првите 9 месеци. Владата прво најави 3,4%, па 4,4% за цела 2020 година. Тотално промашија бидејќи не си го гледаат незнаењето.
Дефицит и јавен долг: Четири антикризни пакети, со реализација и ефекти на ниско ниво. Буџетски дефицит за оваа година ќе надмине 900 милиони евра. Јавниот долг е веќе зголемен од 49% на 61% од БДП. Ќе биде и повеќе.
Капитални инвестиции: Во економска криза најпотребни се капитални инвестиции (патишта, болници, гасификација, училишта итн), но власта токму таму е најслаба. За 10 месеци реализираа само 39% од првично предвидените средства. За 2021 година, со новиот Буџет, капиталните инвестиции се планирани на најниско ниво во последните десетина години и ќе изнесуваат под 10% од вкупниот буџет. Од 4 милијарди евра планираат само 370 милиони евра. Нема да реализираат ниту 230 милиони евра во годината во која треба да заживее економијата.
Невработени: Бројот на невработени лица е зголемен за 52.051 лица за 10 месеци. 5% е намален бројот на работници во индустријата.
Падот е евидентен во секторите производство на тутунски производи 24%, текстил и облека околу 7%, кожа и производи од кожа 17%, сектори во кои се вработени десетици илјади луѓе. Без работа остануваат најсиромашните“, анализира Димовски.