ИДНИОТ БУЏЕТ ЌЕ ТЕЖИ 4,4 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Ќе се троши за повисоки плати и за капитални инвестиции
Дефицитот во следанта година е предвидено да изнесува 545 милиони евра и ќе се користи за поддршката на позначајниот дел од капиталните инвестиции
Предлог-буџетот за 2022 година е развоен со зголемени капитални расходи за 27 отсто во однос на лани. Намалени се непродуктивните трошоци, а планирана е редовна исплата на платите, пензиите и социјалните трансфери. Зголемени плати ќе има во здравството, образованието, културата, судството, Јавното обвинителство….
Министерот за финансии Фатмир Бесими очекува дека Предлог-буџетот ќе биде донесен навреме и покрај политичката криза во земјава.
– Предлог-буџетот е навреме усвоен во Владата и пратен во Собранието и не гледам причина зошто не би се донел навреме. Има најави и од најголемата опозициска партија дека ќе биде разгледан – рече Бесими на денешната прес-конференција во Владата.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 272,4 милијарди денари (4,4 милијарди евра) или 32 проценти од БДП, а приходите на 238,9 милијарди денари (3,8 милијарди евра) или 30,9 отсто од БДП. Дефицитот е планиран на ниво од 33,5 милијари денари (545 милиони евра) или 4,3 отсто од БДП. Вкупните приходи и се за 7,4 отсто повисоки од 2021, додека на расходната страна има зголемување за само 1,4 отсто во споредба со расходите во 2021 година, но се пониски како процент од БДП споредено со 2021 година. Кратење има кај непродуктивните трошоци. Така, во ставката стоки и услуги има намалување за 6 отсто.
– Дефицитот единствено ќе се користи за поддршката на позначајниот дел од капиталните инвестиции кои изнесуваат 37,8 милијарди денари. Имаме повисоко ниво на капитални расходи во однос на буџетскиот дефицит и дефакто тоа значи развоен буџет за 2022 година – истакна Бесими.
Дефицитот и отплатата на долгот во износ од 11,6 милијарди денари (од кои за надворешниот долг во износ од 6,1 милијарди денари и за домашниот долг во износ од 5,5 милијарди денари) ќе се финансираат преку комбинација на домашно и странско задолжување при што, како што појасни Бесими, ќе се води сметка за оптимизација на трошоците за позајмување.
Меѓу изворите за финансирање на дефицитот, првпат ќе се воведат нови инструменти како што се развојните, зелените, проектните обврзници и обврзниците индексирани со инфлацијата кои се дел од Планот за забрзан економски раст.
Кај капиталните расходи, кои се проектирани на ниво од 37,8 милијарди денари, има раст од 27 отсто во однос на 2021, а нивното учество во вкупните расходи е 14 проценти што претставува најголемо учество досега.
– Гледано наназад ова е историско најголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи – подвлече Бесими.
Стапката на инфлација е проектирана на 2,4 отсто и се очекува во втората половина од годината веќе да се намали притисокот предизвикан од енергетската криза.
Бруто инвестициите проектирано е да се зголемат за 8,5 отсто на реална основа, а потрошувачката за 3,1 отсто.
Очекувањата се дека ќе продолжи и трендот на зголемување на извозната активност на домашните компании која следната година би забележала раст од 8,3 отсто, а позитивни движења се очекуваат и на пазарот на труд каде бројот на вработени би бележел раст од 3,1 отсто што би влијаело врз стапката на невработеност.
Планирани се и средства за исплата на субвенции во земјоделството, за поддршка на приватниот сектор, за спроведување на активните мерки за вработување, а ќе се зголемат и средствата што ќе ги добијат општините согласно реформата за унапредвање на фискалната децентрализација. За здравствена заштита планирани се средства во износ од 36 милијарди денари кои во најголем дел се наменети за финансирање на здравствените услуги, мерките за заштита од ковид пандемијата и достапност на лековите за населението. Притоа, не се изоставени и здравствените работници кои ќе добијат зголемување на платите за што се предвидени 700 милиони денари.
Буџетот има четири основни цели – продолжување на грижата за заштита на здравјето, економско заздравување, зголемување на инвестициите и непречено финансирање на основните функции на државата.
Буџетот е креиран врз основа на очекувањата за економските движења на глобално ниво, а посебно на Германија како наш најголем економски партнер. На глобално ниво се очекува следната година да се вратат стапките на раст од преткризното ниво. Растот на глобалната економија во 2021 година се очекува да достигне 5,9 проценти, а во 2022 година да изнесува 4,9 отсто, согласно октомвриските проекции на ММФ. За ЕУ, проектирана е стапка на раст од 5,1 отсто за 2021 година и 4,4 отсто за 2022 година, додека за Германија како наш најзначаен трговски партнер се предвидува раст од 3,1 отсто во 2021 и 4,6 отсто во 2022 година.