ИАКО ПОДНЕСЕ ОСТАВКА, МАКРОН ГО ВРАТИ Наместо избори, повторно Лекорну ќе биде премиер на Франција

Себастијан Лекорну повторно ја презема функцијата премиер во Франција, со задача да го достави буџетот и да стави крај на политичката криза што ја тресе земјата.

164

Францускиот претседател Емануел Макрон повторно го назначи Себастијан Лекорну за премиер и му довери мандат за формирање на нова влада, соопшти Елисејската палата.

Одлуката доаѓа само неколку дена по оставката на Лекорну, кој сега повторно ќе го предводи кабинетот со задача во понеделник да го достави државниот буџет до Парламентот.






– Ја прифаќам, по должност, мисијата што ми ја довери претседателот на Републиката, да направам сè што е можно Франција до крајот на годината да добие буџет и да се позанимавам со секојдневните животни прашања на нашите сограѓани – напиша Лекорну на платформата Икс (поранешен Твитер).

Тој најави дека ќе започне консултации со различни политички партии за да ја формира новата влада и потенцира дека приоритет ќе биде стабилизирање на земјата и надминување на политичката криза која, според него, го нагризува францускиот народ и ја нарушува сликата на Франција на меѓународната сцена.

Политичките противници на Макрон, меѓутоа, реагираа со критики на повторното назначување на Лекорну, тврдејќи дека земјата се наоѓа во најдлабока политичка нестабилност во последните децении и дека единствено решение се вонредни парламентарни избори или оставка на претседателот.

Од кабинетот на Макрон засега нема најава дека ќе има предвремени избори, а Лекорну најави дека ќе го презентира својот нов владин тим во текот на следните неколку дена.

Поврзани содржини