И психолозите реагираат: Протоколите во училиштата ќе предизвикаат анксиозност, страв, осаменост и нетрпеливост кај децата

Важно е наставниците да бидат трпеливи, да очекуваат различни реакции, потреби, отпор и пад на мотивација кај децата и адолесцентите, вели психологот Ангела Будиноска во изјава за Плусинфо.

1,044

Новите протоколи што ги предложи Комисијата за заразни болест и ги прифати Министерството за образование (МОН), а кои се однесуваат на физичкото присуство на учениците во училиштата од септември, наидоа на остри реакции кај родителите, кај дел од лекарите, а сега и кај психолозите.

Одржувањето физичка дистанца од 1,5 метри во училниците, ходникот и во двориштето на училиштата, задолжителното носење заштитни маски на лицата, забраната за пуштање на климатизерите и вентилацијата, како и чекањето редици за во тоалет, како што е предвидено според новите протоколи, за психолозите е претерано и контрапродуктивно.






Плусинфо разговараше со психологот Ангела Будиноска, која вели дека строгите правила можат кај децата да предизвикаат оттуѓеност, недостиг на социјална и емоционална интелигенција, помалку емпатичност, како и отсуство на препознавање и одговор на сопствените и туѓите емоции.

– Да земеме едноставен пример каде што детето не смее да допира предмет кој бил во рацете на друго дете. Тешко, дури и невозможно е да се развие концептот на заедништво и споделување. Притоа, детето е на возраст кога треба да научи да споделува работи со другите. Тоа е вештина која детето треба да ја донесе во светот на возрасните – објаснува Будиноска.

Таа предупредува дека целосната насоченост на вниманието кон мерките може да предизвика анксиозност и страв кај учениците.

– Со повторното враќање на децата во училишните клупи, треба да се очекува нивна зголемена претпазливост и будност во однос на допирање предмети, физички контакт и миење раце. Сосема е во ред да бидат свесни за протоколите и да се придржуваат мерките. Но, исто така е важно децата да не се фокусирани само на одржувањето физичка дистанца, туку да се опуштат и да не бидат постојано загрижени за сѐ околу нив. Целосната насоченост на вниманието кон мерките може да предизвика анксиозност и страв – посочува Будиноска.

Грижите на децата треба да се сфатат сериозно и да се покаже разбирање за нивните емоции.

Ангела Будиноска Психолог

Според неа, реакцијата на децата во голема мера зависи од нивната возраст, темперамент и развојно ниво.

– Родителите и наставниците треба да очекуваат дека ваквиот начин на одвивање на наставата и протоколите во училиштата може да доведат до чувство на збунетост, страв, тага, осаменост, стрес и нетрпеливост кај децата. Не е исклучено и агресивно однесување и плачење. Во овие ситуации, од наставниците се очекува да дејствуваат со разбирање, да бидат трпеливи со детето и да му објаснат дека ова се привремени услови на работа и учење и дека ќе биде подобро. Тука е важно да му се нагласи на детето дека се наоѓа во сигурна и безбедна средина, при што наставникот ќе му покаже дека е секогаш тука за да го слуша и да му пружи поддршка. Децата и младите доволно се загрижени за тоа што се случува, за безбедноста на самите себе и на своите блиски. Треба да се биде свесен за тоа дека децата и родителите не ја доживуваат пандемијата на ист начин. Родителите треба пред сѐ да зборуваат со своите деца, да ги прашаат за нивното разбирање на настаните, за нивните грижи и прашања кои им се јавуваат во глава. Грижите на децата треба да се сфатат сериозно и да се покаже разбирање за нивните емоции. Децата треба да знаат дека е во ред да се чувствуваат така како што се чувствуваат. Ваквиот пристап може да ја намали вознемиреноста кај детето. Важно е родителот да му покаже на своето чедо дека е тука за него, да го поддржи и да му помогне кога и да треба. Убаво би било во активностите со децата да бидат вклучени и браќата и сестрите, при што кај нив ќе се оформи чувство на одговорност, ќе се поттикне детската игра, а воедно ќе се грижат едни за други. Последно, но не и помалку важно е одржувањето физички контакт, преку гушкање и бакнување на детето, што е физички пријатно за него и дава чувство на сигурност – објаснува психологот.

Таа додава дека ваквата ситуација е привремена и дека нема да остане така засекогаш.

Околу подготвувањето за тргнување во училиште, родителите треба отворено да зборуваат со своите деца за важноста на физичкото и менталното здравје и моменталната ситуација во која се наоѓаме. Како што веќе спомнав, тука треба да се додаде дека ситуацијата е привремена и дека нема да остане така засекогаш. Така ќе се поттикне мотивација и желба за одење во училиште кај детето. Одржувањето физичко растојание доведува до поголем предизвик за тоа како да се одржат врските со пријателите, блиските, со општеството. Несомнено е дека недостатокот на физички контакт може да го зголеми ризикот од негативни ефекти врз физичкото и менталното здравје на децата и адолесцентите. Средношколците се во развоен период во кој имаат потреба од независност и се обидуваат истата да ја постигнат. Сосема е природно да се наиде на отпор од нивна страна и противење на мерките за одржување физичка дистанца. Она што родителите можеби е пожелно да го направат е да ги едуцираат своите деца и адолесценти за важноста и корисноста на мерките за физичка дистанца. Тука е важно да се нагласи и алтруизмот, односно да се потсетат децата и младите дека сега имаат можност да ги заштитат ранливите категории на луѓе, во кои спаѓаат и нивните блиски роднини. Би било убаво училиштата и наставниците да им изразат благодарност и пофалба на учениците кои се придржуваат до мерките – посочува нашата соговорничка.

Таа им порачува на наставниците да бидат трпеливи, да очекуваат различни реакции, потреби, отпор и пад на мотивацијата кај децата и кај адолесцентите.

– Наставниците, кои и самите се нечии родители, деца и роднини, поминуваат низ истите стравови, анксиозност и тага, а тоа е очекувано во време на пандемија. Сепак, тоа се едуцирани и обучени кадри од кои се очекува да бидат во помала или поголема мера подготвени да вложат во образованието на децата, дури и ако треба да почитуваат одредени протоколи и да се придржуваат до поголем број мерки на заштита. Важно е наставниците да бидат трпеливи, да очекуваат различни реакции, потреби, отпор и пад на мотивација кај децата и адолесцентите. Сето ова може да се превенира или надмине преку отворен разговор и дискусија без осудување на детето, со голема доза на разбирање, активно слушање и одговарање на прашањата на детето. Наставниците во училиштето се модел на однесување од кој детето учи, како што дома се родителите. Децата учат од постапките, исказите и реакциите на нивните наставници, затоа наставниците треба да бидат добар пример од кој детето ќе научи како да се однесува во една ваква, за него не многу пријатна ситуација – вели Будиноска.

Комисијата за заразни болести го објави протоколот за постапување на основните и средните училишта за реализација на наставата во учебната 2021/2022 година.

Протоколот предвидува физичка дистанца од 1,5 метри во училницата, ходникот или во дворот. Комуникацијата да се сведе на минимум, со задолжителни маски. Ќе биде забрането климатизирање и вентилација во училиштата, со редовно проветрување на просториите. Предвидени се посебни правила на движење низ целото училиште, а за сето тоа ќе бидат одговорни редари од редовите на вработените во училиштето, класниот раководител и предметниот наставник.

Во протоколите стојат и мерки идентични на минатогодишните – честа дезинфекција и повисок степен на хигиена во сите простории низ училиштето, каде учениците и наставниците имаат пристап. Родителските средби повторно ќе бидат изведувани онлајн или на отворен простор.

Поврзани содржини