И по Таче – Таче?!
Што ќе се случи ако по поразот на СДСМ на 8 мај Димитар Ковачевски сепак не поднесе оставка?
СДСМ влегува во изборната трка со однапред вкалкулиран пораз.
Тоа е јасно како бел ден. Особено сега, откако ги видовме листите на Бихаќка за евакуација од бродот што тоне.
Мудрецот, пак, вели дека победата има илјада татковци, а поразот е сирак.
Тоа е така затоа што мудрецот не станува во пет и пол сабајле за да вежба во теретана.
Како Таче наш.
Да станува и да вежба, не би зборувал глупости.
Бидејќи, може да се случи овој пораз на СДСМ и да не биде баш сирак.
Имено, според неверојатното и тажно сценарио што го слушнав деновиве, токму овој пораз на СДСМ – според очекувањата, можеби тоа ќе биде најтежок дебакл во историјата на партијата! – сепак, ќе има еден татко.
Погодувате, Димитар Ковачевски.
Звани Таче.
Досегашната “логика на нештата”, која некои ја нарекуваат и политичка култура, им наложуваше на партиските лидери кои доживуваат изборни порази да се повлечат од челните позиции и кормилата на своите “титаници” да им ги препуштат на некои нови маченици.
Се сеќавате, нели, така и Ковачевски беше октроиран за лидер на СДСМ, по поразот на Зоран Заев на локалните избори во 2021 година. Заев поднесе оставка и го донесе Таче за раче. И на Бихаќка и на чело на владата.
Но, сценариото што го слушнав јас вели нешто друго: по поразот на 8 мај, Ковачевски не планира да поднесе оставка од челната позиција во партијата. Својата одлука да остане претседател на СДСМ, тој ќе ја образложи со два аргумента.
Првиот можеби има некаква логика – октроиран или не, човекот немаше на располагање цел мандат да покаже што знае и што умее. За среќа…
Вториот “аргумент” ќе биде класична манипулација. Во СДСМ уште сега се ложат на тезата дека после победата, ВМРО-ДПМНЕ нема да успее да состави политичка влада, па странците ќе притиснеле да се стокмела широка коалиција, односно концентрациона влада, која ќе ги донела уставните промени и ќе го продолжела “патот кон ЕУ”.
И нормално, нема подобар претставник на СДСМ за една таква блесава влада од Ковачевски, кому политичката култура не му е јака страна. Ако е потребно, за ова ќе лобирале и западните амбасади.
Накусо, според најновите информации од “фронтот за Европа”, ова прилично смешно и преглупо сценарио е единствената шанса на Димитар Ковачевски да го преживее поразот на СДСМ на изборите.
Има ли реални шанси Таче на крајот да ги зафркне сите?
Не сите. Но, некои да.
А еве и зошто.
Формирањето на новата влада на чело со победничката ВМРО-ДПМНЕ ќе биде сложена операција, која ќе изискува многу добра волја, солидна вештина на играчите, но и време. Сакам да кажам, не е исклучено процесот да потрае.
Е, токму во тоа “меѓувреме”, Таче ќе ја искористи шансата да организира онлајн општи избори во СДСМ, на кои ќе ја потврди својата лидерска позиција.
Претендентите на тронот на поразениот СДСМ – а такви има! – ќе мора да се судрат со Ковачевски и да го победат во битка. А тоа, како што е познато, во СДСМ ретко се случува. Или никогаш. Фраерите на Бихаќка секогаш се опседнати со идејата да демонстрираат лажно единство и секоја кавга да ја завршат со козарачко коло.
И затоа, ако Таче сепак одлучи да не поднесе оставка по поразот на 8 мај, најверојатно неговиот наследник ќе биде – Таче од теретаната.
Ете, ова е најсмешната од неколкуте новости што ги слушнав за театарот во СДСМ.
Не дека е нешто особено важно сево ова што го изнаприкажав, но ајде да ја почнеме неделата во добро расположение и сите ние што сме надвор од теретаните.
И да викнеме сложно:
И по Таче – Таче!
Хех…
ПС. Го овластувам Тричко филозофски да го опее овој маневар на Ковачевски. Кога ќе дојде време за тоа. И ако дојде, се разбира. Нема поголем мајстор за пишување панегирици.