И Ѓорѓи Марјановиќ оди во Америка
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело.
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 30.09.1998 година)
Поодамна имам еден брачен проблем: жена ми доби од својот факултет некакви средства за студиски престој во Америка и таа, како старински воспитувана дама, смета дека јас мора да ја придружувам. Јас пак навистина немав (и сѐ уште немам) некаква особено жешка желба да одам усвет, а особено не во Америка, каде што (според филмовите кои ги продуцираат во нивната Света Гора) мафијата секој ден убива онолку луѓе колку што Скопје има жители. Што барам јас таму? Не ќе може дури ни на концерт да појдам: Американците ракоплескаат меѓу ставови (што е најголем музички резил во Европа, па и во Македонија).
Од друга страна, како што не е непознато, Македонија е во предизборието, а јас сум дал цврста беса да му помагам на единствениот кандидат на Лигата за демократија, г. Александар Тортевски, да влезе во парламентот. Органите на ССРНМ имаат хатишериф да не ја спомнуваат Лигата во своите написи, и да не е, „Дневник” (и моите колумни) и платените огласи на г. Тортевски во “Македонија денес” нашето учество на изборите би минало наполно незабележано. Оттаму, моето одење во странство (како и за време на изборите од 1994, кога бев во Германија) би можело да се разбере како некој вид партиско неверство, колку спрема Лигата за демократија, толку и спрема г. Тортевски.
Арно ама, жената не би била жена ако не најде начин да го убеди својот човек во она што го намислила. И ме убеди! А откако се случи тоа, не ми остануваше ништо друго, освен да ја рационализирам мојата согласност: ете, и Анте Поповски (во својата убава книга „Окото, светлините”) тврди дека постојано да се патува значело постојано да се напредува. А јас сум за напредок, нели – „секој ден, во секој поглед”! Значи, треба да патувам!
Понатаму, пред некој ден читам во весниците дека и Циле Национале и Љубчо Георгиевски ќе оделе Америка, на гости кај госпоѓа Медлин Олбрајт, да ја убедуваат, веројатно, дека ќе бидат уште попослушни спрема САД од јуношите на СДСМ (ако тоа воопшто е можно!). Па, ете, и мене добро ми дојде да појдам таму и да сторам нешто за доброто на Македонија и на нејзиниот намачен народ. Притоа, јас имам поинакви планови за контакти.
Наместо со американската држава, јас имам намера да стапам во контакт со американскиот бизнис и да се обидам да реализирам една дамнешна замисла, корисна колку за нас, толку и за виталните интереси на Америка. Имено, наместо една милијарда кредити (што, мора да признаам, и како стонастотна сигурност ме застрашува: некој, еден ден, ќе мора да ги враќа тие силни пари, а бидејќи тогаш мене ќе ме нема, тоа ќе бидат моите синови, внуци и правнуци), јас сонувам да ѝ донесам на Македонија подарок вреден 62 милијарди долари! (Само што го напишав ова, а веќе ми се јави визија за гигантски написи во органот на ССРНМ, со кои овој го дочекува секое предизборно, ветување на опозицијата. Небаре само СДСМ има право на лага!).
Како би се остварила мојата замисла? Мошне едноставно: би се обидел да стапам во врска со г. Бил Гејтс и да го убедам (наместо да војува со неразбраната американска администрација) да дојде во Македонија со своите 62 милијарди долари, а ние од Лигата за Демократија ќе ја протуркаме идејата за монархија и ќе го направиме Третиот (по Александар и Самуил) голем цар на Македонија, по кој безуспешно и неутешно пекаше Монархистичката партија на Македонија.
За оние што евентуално не знаат кој е Големиот Бил ќе речам само толку: несвршен студен по електротехника кој за десетина години успеа да собере лично богатство од 62 милијарди долари има полно право на царско достоинство (ако не како Александар, тоа секако како Наполеон). И тоа, не само во жална Македонија!
Целата колумна прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1000 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.