И кловнот не е смешен по полноќ

И можеби не е баш најпаметно во време на светска пандемија да се пишува за кловнови, ама од друга страна, си велам, можеби е паметно да се пишува за пандемија во време на кловнови.

975

Неодамна прочитав една многу јака реченица: „И кловнот не е смешен по полноќ”. Нели, прекуден, секој кловн – жив, пластичен или дрвен – изгледа шашаво, смешно и трапаво, ама замислете го истиот тој кловн – жив, пластичен или дрвен – да ве пречека во влезот од зградата во три часот по полноќ или, пак, да се повози со вас горе-долу со лифтот. Вие секако би биле свесни оти под шашавата облека, розевата перика и размачканата шминка се крие некој што можеби ви е близок пријател, роднина или комшија, но сепак, признајте, нема да ви биде баш најпријатно.

Зошто е тоа така? Како прво, кловновите – живи, пластични или дрвени – ги гледаме во безброј хорор филмови каде што токму тие се негативци. И изборот на сценаристите токму кловнот да го игра главниот негативец воопшто не е случаен, ниту, пак, наивен. Си постои тука цела една наука, па оттаму постои и цела една група на луѓе – коулрофобисти, кај кои стравот од кловнови не се опишува со зборови.






Како што успеав да истражам на Интернет, а и да извлечам некоја информација преку неформален и пријателски разговор со психолози, првата причина поради којашто постои стравот од кловнови е токму стравот од непознатото. Кога човек не може да сфати кој друг човек се крие зад дебелите слоеви шминка, тогаш кај него се активира чувството на паника, потешкотии при дишењето, потење и мачнина.

Втората причина е дизајнот на кловновската облека и претераното истакнување на цртите на лицето и деловите на телото. Па поради тоа што носот, рацете и нозете на кловновите изгледаат поголеми и поразлични од нормалното, затоа луѓето ги доживуваат како чудовишта.

И третата причина, кловновите во минатото, во улога на дворски шутови и забавувачи на рајата, постојано ги потсетувале луѓето на нивната смртност и на тоа колку неразумни и себични знаат да бидат. Тоа може да се забележи и во делата на Шекспир, каде што дворските шутови најчесто се поврзуваат со смрт и со мрачни вистини.

И можеби не е баш најпаметно во време на светска пандемија да се пишува за кловнови, ама од друга страна, си велам, можеби е паметно да се пишува за пандемија во време на кловнови. А токму сега сите ние си имаме работа со еден многу злобен делта-кловн и токму сега сите ние несвесно влегуваме во една страшна коулрофобична авантура.

Стравот од кловнови за првпат го почувствувавме пред нешто повеќе од една година, кога ни се појави невидливиот непријател и кога сите избезумено ги празневме полиците со тоалетна хартија во продавниците. Тоа беше нашиот прв контакт со непознатото, кој, за волја на вистината, остави длабоки последици. Многумина стегнаа заби и го победија стравот, но многумина, за жал, не можеа да го издржат иритирачкиот звук на препознатливото кловновско смеење и не успеаја да ја отворат вратата од лифтот која водеше кон спасението.

А сега истото тоа чудовиште повторно сака да ни се врати, но овојпат уште пострашно и уште позлобно. Потполно непознато за сите нас, облечено во уште понеобична облека, нашлакано со уште посилна боја на лицето, накинџурено со триста чуда.

И ете го, со денови ни испушта неартикулирани звуци на домофонот и чека да го пуштиме внатре – веројатно сакајќи уште еднаш да ни каже колку само сме ние себични и неразумни.

На нас сега останува дали повторно неподготвени и со ненаучен текст ќе излеземе на бој со главниот негативец, оти, како што мириса, старите реплики веќе како да го загубиле ефектот.

А на оние кои носат одлуки не треба ништо друго да им се каже освен: Не пуштајте го кловнот, кловнови!

Поврзани содржини