И ДРУГИ ФАБРИКИ ТРЕБА ДА СЕ ДИСЛОЦИРААТ Преместувањето на Усје не може да се реши преку ноќ

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека е во план проширување на топловодната мрежа во градот, односно нејзина достапност до секого затоа што има згради, куќи и останати објекти во градот кои не се поврзани на топлификациската мрежа.

58

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски ги поддржува заклучоците усвоени на вчерашната седница на Советот за аерозагадувањето и најави средба со заменик-министерката за животна средина и со премиерот за оваа проблематика.

– Од моја страна логистички ќе бидат поддржани овие заклучоци – рече Ѓорѓиевски во гостувањее на телевизија Сител.






За дислокацијата на Усје вели дека тоа не може да се реши преку ноќ и дека според него не е само Цементарница потенцијален загадувач, туку и останати погони и фабрики, кои треба да се дислоцираат.

– За жал, повеќе од 30 години сите го констатирале проблемот, но никој не го решил. Цементарница не е единствениот потенцијален загадувач. Ние имаме и останати погони и фабрики кои според мене треба да бидат дислоцирани од централното градско подрачје. Имаме одредени погони во Железара, имаме фабрики за кабли, одредени отпади… Што значи дека системот што требало да се изгради, не е изграден. Тоа биле лоши проценки во минатото. Триесет години освен констатации, немаме помрднување од мртва точка – вели Ѓорѓиевски.

Посочи дека изминатиот период имаат изречено казни по 53.000 евра на индустриски капацитети кои имаат Б интегрирана еколошка дозвола што ја издава Град Скопје.

– Во оваа ситуација треба да постапува државната инспекција, но во соработка со нив, имаме контроли изминатиот период. Не се тоа најавени и помпезно пред медиумите претставени контроли, но имаме постапувано, одговорно тврдам – вели Ѓорѓиевски.

Тој најави градење систем со кој ќе се променат работите.

Во план е проширување на топловодната мрежа во градот, односно нејзина достапност до секого затоа што, како што вели, има згради, куќи и останати објекти во градот кои не се поврзани на топлификациската мрежа. Интензивно се работи и на гасификацијата.

Вчера, како што посочи скопскиот градоначалник, усвоена е мерка во насока на намалување на аерозагадувањето во Скопје, односно донесена е одлука за субвенционирање на филтри за оџаци за домаќинствата.

На предлог на „Зелен хуман град“ вчера во Советот на Град Скопје беа усвоени заклучоци за аерозагадувањето, а еден од заклучоците е и дислокација на Цементарницата, каде во четвртокот протестираа група граѓани.

Поврзани содржини