И ДЕНЕСКА ЛЕКАРИТЕ ПРОТЕСТИРААТ НА ПАУЗА Се бара порамнување на минималецот и исплата на регресот
Синдикатот на Клиничкиот центар во Скопје побара состанок со Владата за да се реши проблемот со порамнување на минималецот според Колективниот договор од 2022 година и исплата на регресот.
Порамнување на минималната плата според новото покачување од Колективниот договор од 2022 година и неисплатен регрес бараат здравствените работници од неколку синдикати и ја користат и денешната пауза за протест пред Клиничкиот центар и пред ГОБ „8 Септември“ во Скопје. Иако исплатата на задоцнетата јануарска плата од страна на Фондот за здравство натера дел од синдикатите да се повлечат, Синдикатот на Клиничкиот центар во Скопје побара состанок со Владата.
Пациентите што ќе дојдат нема да бидат вратени, потенцираат од синдикатот.
– Согласно со европското законодавство, овој упад со нацрт законот за плати, во колективните договори, може да значи укинување или намалување, на правата работниците пропишани на согласно овие колективни договори. За година од првичното покачување на минималната плата и доближувањето на другите пониски профили кон профилот на медицински сестри, се направи збрка во коефициентите. Со најавата за ново зголемување на минималната плата во март, уште повеќе ќе ги доближи другите профили до профилот медицинска сестра – изјави за МИА Гордана Димеска од Синдикатот на Клинички центар.
– Еден искусен технички персонал со подолг стаж – укажа таа – ќе зема поголема плата од медицинска сестра. Да не бидам погрешно разбрана. Дефицитот не е само во здравствените работници туку и во другите профили.
Таа информираше дека е голем одливот на медицински сестри и како што рече, пет до шест илјади ја напуштиле земјава последниве три до пет години. Согласно податоците од Комората на лекари, како што беше нагласено на протестот пред Клиничкиот центар, 2 200 лекари во последните три години ја напуштиле државата. Русе Пецаноски од овој синдикат истакна дека протестот е израз на незадоволство поради тоа што за три години, платите биле покачени само пет проценти. Негодување, како што рече, имало и поради пензионирања на околу 180 врвни стручни лица кои немале право да продолжат со работа.
Истовремено, ниските плати прават да продолжи штрајкот и на Синдикатот на вработените во МАНУ, Македонската Академија на Науките и Уметностите. Од Секретаријатот информираа дека повремено ќе се штрајкува пред зградата на оваа институција, а доколку се нема слух за прашањето тие ќе излезат на пресконференција каде детално ќе објаснат зошто протестираат.
Штрајкот на МАНУ, инаку прв во 56-годишната историја на Академијата, започна на 9 февруари.